НЕМА ЧЕТВРТФИНАЛЕ ЗА „ЦРВЕНО-БЕЛИТЕ" ОД БЕЛГРАД ВО ЕВРОЛИГА

Панатинаикос ја отпиша Црвена Ѕвезда

Без Перо Антиќ во тимот, белградските „црвено-бели" останаа на -20 (71:91) и останаа без теоретски шанси за пласман во четвртфиналето.

објавено: 20 март 2018 - 22:20

Перо Антиќ и Црвена Ѕвезда нема да играат во четвртфиналната фаза од Евролигата.
Ова стана појасно вечерва, откако актуелниот шампион на АБА лигата загуби на гостувањето во Атина од Панатинаикос со убедливи (71:91).
На три кола пред крајот на лигашкиот дел, тимот од „Малиот Калемегдан" е толку одалечен од групата на тимови кои ја бркаат последната, осма позиција која води понатаму.
Како што беше најавено, Антиќ не беше дел од тимот на гостувањето против „зелените детелинки" кои со овој плус сега се на скор (16-11) и се доближија до позицијата број 4 која дава предност на домашен терен во четвртфиналните серии.
Во останатите натпревари од првата вечер на 27 коло, бранителот на титулата Фенербахче лесно го победи Макаби од Тел Авив со (87:73), Жалгирис ја оправда улогата на фаворит против Армани (77:65), а во шпанската пресметка, Валенсија го изненади Реал Мадрид (91:80).

Најново во Кошарка