Лигата на шампиони ги објави учесниците во квалификациите и фазата по групи во тоа натпреварување, наскоро истото ќе се случи и со ФИБА Европа купот, а во ниту едно од тие клупски натпреварувања нема да има македонски екипи. Ако Евролигата е научна фантастика, а во догледно време и за Еврокупот може да се каже истото, шанса за излез на европска сцена беа само квалификациите од новата ЛШ на ФИБА, или најслабото натпреварување, ФИБА Европа купот.
Шампионот Работнички и вицепрвакот МЗТ Скопје Аеродром беа клубовите кои имаа предност да бираат дали ќе играат во меѓународните натпреварувања, и имаа покани за ФИБА Европа купот.
Рокот за изјаснување е 1 јули, денеска, но се знае оти одговорот ќе биде негативен.
Центарци одлучија да не играат никакви меѓународни натпреварувања, а тие во моментов имаат и еден друг проблем, забраната за купување на странски играчи, бидејќи од 11 мај, клубот е суспендиран поради долг кон еден поранешен играч кој го тужеше Работнички.
Аеродромци се задоволија само со пријава во втората АБА лига, ќе бидат зафатени и преку викенди и во работни денови, па и тие ја отфрлија варијантата да се испробаат со европски противници.