МАКЕДОНИЈА СО ЕДЕН ПРЕТСТАВНИК ВО ШАМПИОНСКАТА ЛИГА

Работнички e еден од десетте клуба кои не „поминаа"

Во канцеларијата на ФИБА стигнале дури 66 пријави за учество во Лигата на Шампионите. Но имало место за 56, по што клубот од „Градски парк" најверојатно ќе мора да се задоволи со учество во ФИБА Еврокупот.

објавено: 29 јуни 2017 - 12:20

Македонија ќе има само еден претставник во најелитното натпреварување кое го организира Светската кошаркарска федерација.

Карпош Соколи како вицешампион на Македонија доби предност во однос на Работнички, кој исто така аплицираше за добивање позиција во оние квалификации преку кои се стигнува до главната, регуларна фаза на ЛШ во која има место за 32 клуба.
Иако е во сферата на неофицијално, од седиштето на ФИБА велат дека за ова натпреварување добиле вкупно 66 пријави. И дека мораат да дадат негативен одговор на десет од нив, во кои спаѓа и некогашниот македонски првак, Работнички.


Засега не се дава никакво образложение зошто е одбиена пријавата на „црвено-белите"за ова натпреварување. Но една од претпоставките е дека клубот од „Градски парк" во последно време не е активен чинител, односно не учествува во некое европско натпреварување, уште од 2004 година (не се сметаат настапите во БИБЛ конкуренцијата).
Освен тоа, ФИБА донела правила според кои пријавените клубови мора да имаат сала со капацитет поголем од 3.000 седишта, што исто така е неповолно за „црвено-белите", секако под услов да е пријавена „Градски парк", а не некоја од оние други сали кои ги исполнуваат условите за мечеви во организација на ФИБА.
Затоа е многу поизвесно дека Работнички ќе треба да се задоволи со играње во ФИБА-Еврокупот, или нешто послаба конкуренција во однос на онаа од Лигата на шампионите каде за прв пат ќе се појави екипата на Карпош Соколи.

 

Најново во Кошарка