НЕ ПРИЗНАВААТ ФАВОРИТИ

Руска „рампа" за Србија

По тесниот триумф над Турција, „зборнаја команда " построи уште еден претендент за висок пласман Србија, (75:72).

објавено: 2 септември 2017 - 18:33

Кошаркарите на Русија стигнаа до уште еден голем триумф во групата „Д" од Евробаскетот.

Неполни 24 часа откако ја изненадија Турција, се чини дека учениците на Сергеј Базаревич направија уште поголемо, совладувајќи ја Србија со резултат (75:72).
И практично по само две одиграни средби во ова друштво си обезбедија место во осминафиналето.
Русите го имаа својот лидер, Алексеј Швед кој уште еднаш погодуваше. Но и асистираше кога треба. Најчесто до Мозгов и до Курбанов, кои беа творците на ова ново изненадување во Истанбул.


Србија остана без вистински „војсководец". Да, Богдановиќ дојде до 19. поени, исто колку што даде и Марјановиќ, но бекот на „орлите“ не беше оној истиот од пред една вечер и оние минути против Летонија.
Премногу споро, дури на моменти и здодевно играа избраниците на Александар Ѓорѓевиќ. Но и покрај тоа се стекнаа со шанса да „влезат" во тесна завршница.
Дојдоа и до минус од три поени (72:75), но им остана многу малку време, па мораше да импровизираат.
Прво чекаа Богдановиќ да го погоди првиот „пенал", да го утне вториот, и со евентуална „одбојка" да обезбедат продолженија.
Но нивниот најдобар стрелец не го направи тоа, па победата заслужено остана за Русија.

Најново во Кошарка