ПАРИТЕ НА ЦСКА НЕ БЕА ПРЕСУДНИ НА ФАЈНАЛ-ФОРОТ

Само четврто место за тимот со најголем буџет во Евролигата

Поразите од Реал и Жалгирис, најверојатно ќе значат крај на престојот на Димитрис Итудис како тренер на ЦСКА

објавено: 20 мај 2018 - 19:06

Од Белград за „Спортмедиа“ - Бобан Радуловиќ

 

ЦСКА Москва и дефинитивно е најголемото разочарување на фајнал-форот во Белград. Тимот со најголем буџет во Европа, кој беше првопласиран во лигашкиот дел, беше нокаутиран во двата меча во „Штарк арената“ и дома се враќа без медал, што за нив претставува голем неуспех. Поразот од Реал Мадрид во полуфиналето, многу негативно влијаеше врз „армејците“, па во денешнот дуел за трето место, во првите 30 минути беа разбиени од екс-советскиот ривал Жалгирис. Само во последните десет минути ЦСКА го покажа својот потенцијал, имаше шут за победа, но беше казнета за задоцнетото будење и загуби со 77:79. 

ЦСКА од 2003 до 2017 година имаше низа од 17 победи по ред против „зелената шума“, но тимот од Каунас доби три од последните четири меѓусебни пресметки.

Се шпекулира дека после дебаклот во Белград, деновите на Димитрис Итудис како тренер на ЦСКА се одбројани и клубот ќе бара негова замена. Од друга страна, Шарунас Јасикевичиус се потврди како тренер со најголем напредок и неговиот престој во Жалгирис е загарантиран.

Литванците имаа уште една причина за радост. Литвос ритас ја освои титулата во јуниорската Евролига (играчи до 18 години). Младите кошаркари на тимот од Вилнус, во финалето го совладаа италијанскиот тим Стела Аѕура со 76:71. 

Во 20 часот стартува финалето помеѓу Фенербахче и Реал Мадрид. „Фенер“ ќе се чувствува како на свој терен, бидејќи има огромна поддршка од илјадниците навивачи кои допатуваа во српската престолнина. Но, „кралскиот клуб“ е најтрофеен во Европа и во полуфиналето со ЦСКА кога даде дури 17 поени за само три минути на почетокот на втората четвртина, покажа дека не смее да биде отпишан во ниту еден момент и може експресно да стопи секаква негатива. 

Најново во Кошарка