КАРПОШ СОКОЛИ МУ СЕ РЕВАНШИРА НА КАЛЕВ КРАМО

Со историска победа до „ЗБОГУМ" на Лигата на Шампионите

Во Талин, и реванш дуелот со Калев Крамо, кошаркарите на Карпош Соколи дојдоа до првата, и историска победа за клубот во некое европско натпреварување (81:78). Но недоволна да се надополни оној минус од Скопје и да се продолжи во следниот квалификациски круг од ФИБА Лигата на Шампионите.

објавено: 21 септември 2017 - 19:52

Карпош Соколи му се реваншираше на Калев Крамо. Но победата од (81:78), не ги однесе „соколите“ во второто елиминациско коло од ФИБА лигата на Шампионите.

Причината е она минусно салдо со кое тргнаа од Скопје, изразено со осум поени, и се заедно „пократки " за пет поени во збирот на поени.

Во Талин...
Калев Крамо – Карпош Соколи 78:81 (13-14; 23-21; 23-25; 19-21)
Недоволно за премин во следниот круг, но доволно добра лекција за дебитантот во Европа. Дека на оние следни натпревари, од групната фаза од ФИБА Европа Купот, која и е полесна (не е елиминациска), треба да се игра добро и дома и на гости.
На овој гостинскиот, во Талин, и двете екипи имаа слаба реализација во шутот од поле во текот на сите 20. минути од првото полувреме.
Нашиот тим имаше подобар старт, уводно водство. По нецели четири минути играње беше (10:3) за Карпош Соколи. Требаше да биде знак на добра, ефикасна игра. Но се чини дека тоа беше само почетна инспирација.
Навистина, „соколите" го држеа водството до крајот на четвртината, но стана минимално (14:13).
И краткотрајно, затоа што по тројките, две во серија, на Дорбек и Мирковиќ, Калев премина во водство (19:16). Серијата на домаќините продолжи до (26:18), која со тројка ја прекина Колинс.
Доволно нашиот тим да почне да се враќа кон некој резултатски егал. Кога конечно погоди и МекФејден, резултатот беше „реми", (28:28).
Тимот од Талин се одвои со шест поени во серија (34:28), но во неполни 90. секунди гостите од Скопје се вратија на идентичен начин. Откако Соколов погоди за својот деветти поен во полувремето, со својата втора тројка, МекФејден постави (36:35) на семафорот во „Саку Арената" во Талин.

Интересно, „карпошовци" имаа погодени по пет удари вредни два и три поени за тие 20. минути од играта во кој збирно погодуваа со 37% на успешност од поле, а беа стонастотни (10/10) од линијата за слободни фрлања.
Во третиот период по две „тројки" на двете страни, стигнаа до двоен број на поени. Кај Калев тоа беа Суботиќ, Мирковиќ и Јоесар, на спротивната пак Соколов, Браун и МекФејден.
Затоа и резултатот беше во рамките на нерешен, се до последните моменти од четвртината, кога егалот го одржа Браун (57:57), а во следниот напад и МекФејден му се придружи со три поени, за највисоките (60:57), кои ги имаше тимот од Скопје.

Двете екипи почнаа да погодуваат почесто во шутот вреден три поени. Но „соколите" никако не успеваа да ја надминат и предноста, за нив магична, од три поени (68:65), која со тројка, ја донесе Николовски, со 11. поени, четвртиот двоцифрен играч во нашата екипа. Репрезентативното крило ги чуваше шансите за европска победа. По неговиот осми поен во серијата беше (75:74) за Карпош Соколи.

Браун и незабележливиот Лабовиќ ја продолжија надежта (79:75) за пласман понатаму, кога останаа да се доиграат 92 секунди.
Но МекФејден го утна првото, за тимот, слободно фрлање, (претходно погодени сите 13). Во најлош момент, затоа што водеше до плус пет. А во следниот напад Браун, не реализира тројка за плус 7.


Мазеика, намали на (78:81), а во оние 22 секунди кои останаа по тајм-аутот на Даскаловски, МекФејден ја доби топката, се дигна за три, и не погоди.

 

Најново во Кошарка