Можно ли е вакво неверојатно сценарио?

„Фемили“ се враќаат против Морнар, за да го поздрават Давитков како тренер на МЗТ!?

Актуелниот првак е во потрага по нов кормилар, а селекторот на македонската репрезентација откри дека останал без клупски ангажман

објавено: 7 декември 2017 - 17:00

Актуелниот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром е во „нокдаун“, по поразот на свој терен во дуелот со најголемиот ривал Работнички. Клубот кој доминира во последниве шест години на домашна сцена, сезонава започна многу лошо. Има дури три порази во четири домашни мечеви во „Јане Сандански“ во првенството. Кога се работи за АБА лига, тимот е на дното во регионалното натпреварување. 

Сите лоши игри можеа да се заборават, но поразот од Работнички ја „прели чашата“. Се чека само официјална потврда за заминување на тренерот Александар Тодоров, кој синоќа по мечот изјави дека „се потрошени сите кредити“. 

Во ист ден кога на големо се шпекулира со можното ново тренерско име во МЗТ Скопје, на приватниот фејсбук профил се „јави“ и селекторот Јорданчо Давитков. Тој напиша статус со кој потврди дека останал без клупски ангажман.

Случајно или не, во ист ден, МЗТ бара нов тренер, а Давитков останува без клупски обврски. Како една од шпекулациите е дека токму Давитков би можел да седне на клупата на МЗТ Скопје Аеродром. Следниот меч „штрковите“ го играат на свој терен против Морнар, в недела, во рамките од АБА лигата. 

За овој дуел е најавено и враќањето на најверните фанови актуелниот првак, популарните „Фемили Аеродром“. По повеќе од две и пол години бојкот, оние кои најмногу го сакаат клубот, се враќаат на трибините, да го бодрат. Овој потег е во вистински момент, ако се знае резултатската криза на екипата. 

Сепак, дали може да се случи навивачите да доживеат шок, токму на враќањето на трибините. Тоа би било ако за тренер биде поставен токму актуелниот селектор Давитков. Зошто шок?

Од времето кога беше играч, Давитков беше капитен на Работнички и со тимот од „Градски парк“ освои многу трофеи, најголемиот дел токму во директен дуел против МЗТ Скопје Аеродром. Тогаш Давитков стана најомразениот играч на навивачите на МЗТ Скопје.

Од тоа период кога Давитков беше играч, поминати се повеќе од две децении, но Давитков останува еден од најомразените играчи кај навивачите на „штрковите“. Ако по некоја неверојатна случајност успее да се случи Давитков да биде назначен за тренер на МЗТ, навивачите ќе добијат еден многу непријатен подарок. 

Останува во следниот период да се види каква ќе биде разврската за новиот тренер на МЗТ Скопје и кој ќе го води клубот на мечот против Морнар, кога ќе се вратат „Фемили Аеродром“ на трибините. 

Најново во Кошарка