На ГЦЦ шампионатот во Оман

Алексиевски со Шарџа го освои и Голф Купот!

Во финалето одиграно во Мускат, тимот на нашиот млад стручњак славеше победа над бахреинскиот Ал Манама со (99:95).

објавено: 15 мај 2018 - 11:30

Дејан Алексиевски продолжува да го освојува арапскиот свет, оној кошаркарскиот.
Откако како прв тренер го донесе јуниорскиот тим на Шарџа до шампионскиот трофеј во Обединетите Арапски Емирати, сега во улога на асистент го надгради со триумф и во едно друго натпреварување.

Со сениорскиот тим на Шарџа го освоија Голф Купот (ГЦЦ).

„Со овој успех сега ќе играме квалификации за Азискиот шампионат во наредната сезона, што е голем успех за нашата екипа. Успех кој пред неколку години го реализираше и Јорданчо Давитков со Кадсија" – вели Дејан Алексиевски по триумфот во големото финале над бахреинскиот Ал Манама. „Со ова ја завршуваме сезоната во која мораме да се пофалиме за резултатите кои ги постигнавме, а кулминираа токму на овој завршен турнир од ГЦЦ шампионатот"- појаснува нашиот млад тренер.

Ова беше и последната акција на Алексиевски во текот на оваа натпреварувачка сезона со Шарџа.

„Во арапскиот свет, морате тоа да го знаете, нема ништо сигурно. Јасно е дека ова е голем резултат за клубот, но сега ни следува период на одмор, по што ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Плановите се да останам во клубот на истите позиции кои ги имав во текто на оваа година. Јас своето го направив, најдобро што знам и умеам, дадов се од себе да придонесам за успесите на клубот. На луѓето од Шарџа да проценат што е најдобро за сите"- вели Алексиевски.


РЕЗУЛТАТИТЕ НА ШАРЏА
ПРВА ФАЗА:
Шарџа – Ал Манама (Катар) 105:95
Ал Рајан (Катар) – Шарџа 79:86
Низва (Оман) – Шарџа 64:82
ПОЛУФИНАЛЕ:
Ал Араби (Катар) – Шарџа 86:90
ФИНАЛЕ:
Ал Манама (Бахреин) – Шарџа 94:99

Најново во Кошарка