Прва ваква награда

Антиќ прв во Центар со признанието „Заслужен граѓанин“

Перо Антиќ денеска ја доби плакетата за заслужен граѓанин на Општина Центар од првиот човек Андреј Жерновски

објавено: 5 јули 2017 - 13:32

Перо Антиќ денеска ја доби плакетата за заслужен граѓанин на Општина Центар од првиот човек Андреј Жерновски.

Тоа доаѓа како признание за огромниот придонес во спортот и афирмацијата на Република Македонија и општината од која потекнува, велат од Центар. 

Освојувачот на три евролигашки титули и единствениот македонец кој играше во НБА, патем и капитен на генерацијата која го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија, се заблагодари за првото признание кое Општина Центар го доделува за заслужни граѓани.

"Особено сум задоволен што општина Центар, мојата општина и градоначалникот Андреј Жерновски ги враќаат терените, ја вративте младинската школа и ќе го вратите она што недостасува, уличниот баскет. Ова е мотив повеќе младите да тренираат и играат за да се најдат еден ден на моето место. А ние продолжуваме понатаму", рече Антиќ.

Сите општини, рече градоначалникот Жерновски, треба да го вреднуваат трудот и успехот на своите граѓани.

"Ова ги инспирира и младите генерации. Ако одлучите да наградите некој што навистина тоа го заслужува, нема подобра одлука тоа да биде Перо Антиќ. Ако сакате да играте финале во Евролигата и да освоите европска титула во својата екипа, земете го Перо. Тој е прв и единствен Македонец кој играл во НБА. На прашањето од каде му е сигурноста и дрскоста, Перо Антиќ знаел да каже "Тоа е она центарското во мене". Перо Антиќ е извонреден сопруг и татко на три сина. Тој е првиот центарец кој ја доби наградата заслужен граѓанин", рече градоначалникот Жерновски.

 

Најново во Кошарка