ПО МАЛА ПАУЗА ОТКАКО СИ ЗАМИНА ОД КАРПОШ СОКОЛИ

Центарот најде нов клуб: Павловски до крајот на сезоната во Шпанија

Искусниот центар Кирил Павловски до крајот на сезоната ќе настапува во Шпанија, откако денеска потпиша договор со тимот на Кантабрија Естела од Сантандер.

објавено: 1 март 2016 - 20:27

Станува збор за четвртолигаш кој лани изборил пласман во третата лига, но поради недостиг на финансиски средства одбил да настапува во понизок ранг. Се натпреварува во групата А-А и е на третото место на табелата со биланс од 12 победи и четири порази, само еден триумф помалку од првите две екипи, Сантурци и Пиелагос. Неодамна, тимот останал и без центарот Хикин Шампањ, па брзо го ангажирал нашиот играч. Од она што го виделе Шпанците, задоволни се од перформансите на Павловски за кого велат дека "иако е висок 210 сантиметри, знае да се снајде под кошевите и има солиден шут од далечина".

Кантабрија Естела е осма странска станица во кариерата на 32-годишниот центар кој претходно настапуваше за: Црвена Звезда (Србија), Оресундскрафт (Шведска), Крашки зидар (Словенија), Динамо Букурешт (Романија), АЕК Ларнака (Кипар), Отопени (Романија) и Черноморец (Бугарија). Во Шпанија заминува откако последните две сезони беше член на Карпош Соколи.

Најново во Кошарка