ОГРОМЕН УСПЕХ ЗА МАКЕДОНЕЦОТ

Дејан Алексиевски е шампион на Емиратите (ФОТО)

Нашиот тренер ја предводеше „Под 17" екипата на Шарџа на финалниот турнир во оваа возрасна категорија на државниот шампионат на Обединетите Арапски Емирати...

објавено: 23 април 2018 - 10:00

Далеку е од родната Македонија, но добриот глас оддалеку се слуша, па дури и од Обединетите Арапски Емирати.

Оттаму доаѓа информацијата дека нашиот кошаркарски тренер Дејан Алексиевски, стана шампион на оваа држава во конкуренција на кошаркари „Под 17" години. Односно дека како предводник на екипата Шарџа, Алексиевски го освои државниот шампионат на ОАЕ во оваа возрасна категорија.
И тоа без ниту еден пораз...

„На финалниот турнир одржан во Абу Даби, во полуфиналето бевме подобри од Шабаб Ал Ахли додека во битката за титулата излеговме како побеници и против Ал Наср од Дубаи" - појаснува малку Алексиевски, околу патот до златните медали и големиот пехар.

Радосните моменти Дејан ги поделува со сите кои дадоа свој придонес во успехот.

„Благодарност до сите кои помогнаа во овој огромен успех, не само лично за мене, туку за клубот. Имам на располагање одлична екипа во која играат дури петмина репрезентативци на ОАЕ"- дополнува нашиот стручњак, кој од пред извесно време е именуван и за прв асистент во сениорски тим на клубот.

Алексиевски работи во друштво со нам добро познатиот Марко Ичелиќ, некогашен прв тренер на гевгелиски Кожув.

„Да, по заминувањето на Дејан Мијатовиќ кој сега е асистент тренер во белградски Партизан , сега сум на оваа тренерска позиција. Навистина добро функционираме со Марко, првиот тим стигна и до Куп-титулата. Но тоа е само дел од обврските кои ги имам во изминатите две години. Основната останува, работам како супервизор во работата на младите категории во клубот“

Тука сезоната не завршува, напротив...

„Пред нас го имаме 'шампионатот на заливот',. Натпреварување кое кај нас би му дошло како некоја балканска лига. Мислам дека можеме да одиме подалеку во однос на она трето место кое го земавме во шампионатот. Загубивме во полуфиналето од Шабаб Ал Ахли кој подоцна ја освои титулата, или од вишешампиони на 'Президент' купот, кој ни избега во финалето со Ал Васл. Битно е добро да работиме, а тоа ќе биде наградено со резултат како овој со нашиот кадетско-јуниорски тим" - порачува нашиот Дејан Алексиевски од центарот на арапскиот свет.

Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка