ПОПУЛАРНИОТ СТАНКО СЕ ВРАЌА НА КОСОВО

Чековски по 11 години пак ќе игра за Сигал Приштина!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ѓорѓи Чековски, следната сезона ќе настапува за косовска Сигал Приштина, откако вчера ги дефинира сите услови за трансфер во таборот на актуелниот победник во регионалната Еврохолд Балканска лига (БИБЛ).

објавено: 21 јули 2015 - 12:11

За популарниот Станко тоа ќе значи враќање во средината во која настапуваше пред 11 години, односно во сезоната 2003/04, кога стигна до шампионската титула со овој клуб. Информациите од Косово велат дека официјалното потпишување на едногодишниот договор ќе се случи во текот на неделава.

Чековски, кој пред неколку недели официјално го откажа настапот за жолто-црвената селекција на претстојното Европско првенство, минатата сезона беше убедливо најдобриот кошаркар во домашното првенство, настапувајќи за Работнички. Во тандем со Тодор Гечевски и со неколку други искусни играчи, крилниот центар успеа да го донесе пехарот од Купот на Македонија во просториите во „Градски парк“, додека во првенството неочекувано испадна во полуфиналето од плејофот.

Ветеранот летово беше поврзуван со трансфер во таборот на Карпош Соколи, но понудата на Приштина, каде што ќе работи под палката на македонскиот тренер Марјан Илиевски, сепак, беше далеку повисока од таа на „соколите“.

Најново во Кошарка