МАКЕДОНСКИОТ СТРУЧЊАК СЕ ВРАЌА ВО ПОЛСКА

Емил Рајковиќ нов тренер на Стал Остров

Во својот нов клуб, Рајковиќ ќе го наследи Србинот Зоран Сретеновиќ кој доби отказ по трите порази по првите три меча од новата сезона во полското првенство во кое екипата е на дното на табелата.

објавено: 17 октомври 2016 - 16:02

По заминувањето од МЗТ Скопје Аеродром, Емил Рајковиќ најде нов тренерски ангажман и тоа во полскиот прволигаш Стал Остров. Во својот нов клуб, Рајковиќ ќе го наследи Зоран Сретеновиќ кој доби отказ по трите порази по првите три меча од новата сезона во полското првенство во кое екипата е на дното на табелата.
Рајковиќ е добро познат во полската кошарка. Тој од 2014 до 2016 година беше тренер на Шласк Вроцлав од каде летоска дојде во МЗТ. Сепак, во редовите на македонскиот првак лошо му тргна во АБА лигата, и реши да си поднесе оставка бидејќи се чувствуваше виновен што дел од играчите кои во клубот дојдоа по негово лично барање, ги изневериле неговите очекувања и играа многу послабо од можностите и не си ја заслужуваа платата која ја земаа.
Рајковиќ рано ја заврши играчката кариера, па затоа сега со 38 години има десетгодишно тренерско искуство.
Во Стал, најпознати играчи се американскиот 35-годишен бек Куртис Милаџ, бугарското крило Христо Николов и Полјакот Симон Шевчик.
Рајковиќ денеска замина за Полска да ги дефинира сите детали околу трансферот. Ако сè биде како што треба, Рајковиќ во својот нов клуб ќе дебитира на 22 октомври на гостински терен против Сиарка Тарнобжег, тим кој истотака не знае за победа сезонава, но има одиграно само два меча.

Најново во Кошарка