МАКЕДОНСКИОТ ДВОЕЦ ГАЗИ СЀ ПРЕД СЕБЕ НА ПИРИНЕИТЕ

Кошарката има иднина: Талентираните Мамузиќ и Двојаковски ќе се борат за титула во Шпанија! (ФОТО)

објавено: 27 април 2015 - 16:46

Македонските репрезентативци во млади категории, Ранко Мамузиќ и Оливер Двојаковски, се најзаслужните што нивниот, малку познат тим Тералфас, изненадувачки се најде во можност да се бори за шампионската титула во Шпанија, откако викендов избори пласман во големото финале на регионалниот турнир во провинцијата Аликанте.

Во пресметката за регионалната титула, која имаше ревијален карактер со оглед на тоа што двете екипи веќе имаа обезбедено место во битката за националната круна, екипата на македонските интернационалци загуби од големата Валенсија со 51-74. Мамузиќ на оваа средба беше стрелец на 12 поени и имаше шест скока додека Двојаковски реализира 11 поени заедно со шест скока.

Претходно, Тералфас ги совлада тимовите на Лусентум (71-61) и на Пикен кларет (65-53), со што го осигура второто место на табелата во пресрет на решавачкиот дуел со јуниорите на прволигашот Валенсија.

Мамузиќ (17 год.) и Двојаковски (18 год.) не се единствени Македонци во тимот на Тералфас, каде што настапува и 15-годишниот струмичанец Кирил Панов, кој исто така е дел од јуниорскиот состав каде што настапува со три години повозрасни противници.

Двојаковски е попознат во македонската јавност и според поврзуваноста со трансфер во Работнички минатото лето. Тој беше дел од јуниорскиот национален тим кој настапи на Европското првенство (ЕП) дивизија Б во Софија со просек од 2,9 поени и 4,2 скока на осум натпревари на кои настапи. Мамузиќ, пак, беше меѓу најдобрите во кадетската репрезентација на ЕП дивизија Б во Струмица, каде што на осум натпревар имаше просек од осум поени и 4,4 скока. Тој беше стрелец на клучните поени во последната секунда во најголемата победа на шампионатот, против силната Словенија (80-78).

Панов, пак, е познат во јавноста како машина за кошеви, со оглед на тоа што како од шега постигнуваше 40 и повеќе поени во дресот на струмички Ролинг 08.

Најново во Кошарка