ДОБРО МУ Е ВО РОМАНИЈА

КОСТОСКИ НЕ МЕНУВА НИШТО: Би останал во Питешти, нема причина да биде поинаку

„Секако, се е во рацете на раководството на клубот. Но се чини дека како основен приоритет е да се најде решение за тренерската позиција"- вели нашиот репрезентативен бек.

објавено: 5 јуни 2018 - 17:00

„Убаво ми е во Питешти. Немам ама баш никакваа замерка од тоа како помина оваа сезона во која најпосле најдов некој играчки, би го нарекол 'мир'. Без никакви резултатски, уште помалку финансиски оптоварувања поминаа овие месеци во кои можам да бидам презадоволен. Се освен оној краен резултатски ефект, кој дефинитивно, со оглед на она што Питешти како клуб го има, требаше да направиме нешто повеќе од оној пласман во плеј-офот и елиминацијата во четвртфиналето"...

Вака некако говори Александар Костоски по неговото враќање во родното Скопје, а по една успешна сезона помината во дресот на романскиот прволигаш Питешти.

„Не сакам да правам никакви компарации, нема потреба за такво нешто, а и не сум таков човек кој само критикува. Но морам да кажам дека ја одработив оваа сезона во еден сосема добро организиран клуб, во кој работите се поставени на своето место, како што треба да бидат во клуб кој сака и треба да е професионален. Имавме и добри, но и лоши моменти низ сезоната. Но се чини дека тренерската промена која следуваше пред крајот на оној регуларен дел, ги сврти работите во некоја непосакувана насока. Затоа не сум задовоне со пласманот во плеј-офот и оние проази во четвртфиналето по кои пред време ја завршивме оваа сезона, во која, општ впечаток е, можевме и повеќе, но..."

Тоа „но", остава некои дилеми, но не и кај Костоски.

„Што се однесува до мене, јас сум сега слободен играч, официјално. Неофицијално, би требало да бидам играч на Питешти и во следната сезона. Но тоа е веќе одлука на клупското раководство. Мислам дека прво ќе треба да се пополни првата тренерска позциија, а потоа да се дополни оној играчки ростер. Нема стравувања, зад мене е една добра сезона, добри бројки, задоволен сум од тоа како јас играв, иако нели секогаш може да биде и подобро. Се надевам дека љубовта ќе продолжи и во следната сезона, година, како сакате кажете го тоа временско ограничување".

А пред да биде така на ред е онаа последна средба од квалификациите, гостувањето во Швајцарија.

„Редно е репрезентативците да одморат, посебно оние зад кои е долга и напорна сезона, како мојата. Веќе го информирав селекторот дека моите првични планови се добро да се одморам. Има време до натпреварот, сметам дека седум дена се сосема доволни да се 'собереме' да се вратиме во ритам, и да ја победиме Швајцарија. Колку и да сакаме, сметам дека ни е неопходна 'рекуперација', одмор, да фатиме малку свежина во овие жешки денови, и мислам дека ќе наидеме на разбирање кај луѓето од стручниот штаб, од федерацијата"- дополнува нашиот репрезентативен организатор на играта.

Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка