ПОРАНЕШНИОТ СЕЛЕКТОР ЌЕ РАЗВИВА ТАЛЕНТИ ВО ОАЕ

Македонецот пред нов предизвик: Давитков останува во Дубаи, но има нов клуб – Ал Шааб!

Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков, и следната сезона ќе работи во раскошниот Дубаи, но не како тренер на Ал Васл каде што беше во изминатите три години, туку како предводник на екипата на Ал Шааб.

објавено: 31 август 2015 - 15:07

Станува збор за екипа која во минатиот шампионат завршила како шестопласирана, но која важи како најдобар расадник за млади кошаркари. Тоа најдобро го потврдува фактот што Ал Шааб е најдоминантниот тим во последните неколку сезони во младинските конкуренции, поради што управата на клубот од Давитков бара дополнителен развој на талентите и нивно успешно прекомандување во сениорскиот погон.

„Се радувам на новиот предизвик во таборот на Ал Шааб, тим кој е одлично организиран и кој најголемо внимание посветува на талентите од младинската школа. Токму поради тоа ми се виде интересна понудата, во која имаше подолгорочна стратегија на неколку години за развој на младите кошаркари. Летово имав понуди и од екипи од Катар, Саудиска Арабија, Тунис и од Иран, но оваа ми се виде како најпривлечна. Истовремено, не сакав да се откажам од можноста од живеење во Дубаи, град кој едноставно не може да се опише туку само треба да се доживее“, ни изјави Давитков, кој го привршува првиот месец како нов кормилар на Ал Шааб.

Популарниот Џорданко, прекарот што поранешниот селектор го има во земјите на Блискиот Исток, оствари солиден успех со Ал Васл во првенството на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), со пласман во завршната борба за титулата. Претходно, тој четири години беше тренер на кувајтска Ал Кадсија, една сезона беше и селектор на Кувајт и успеа да дојде до пет шампионски и куп-титули како и бронзен медал освоен со кувајтскиот национален тим на Игрите на земјите од Голфскиот залив (ГЦЦ). Во првата сезона, пак, со Ал-Васл стигна до вицешампионскиот трофеј во клупското ГЦЦ-првенство.

Давитков е прв капитен на репрезентацијата на Македонија и долгогодишен предводник на Работнички, а во финишот од кариерата настапуваше и за Никол Ферт, каде што ја почна својата тренерска кариера. Потоа беше предводник на матичниот клуб од „Градски парк“ како и на струмички Неметали огражден и Поло Трејд и скопски Балкан Стил. Интернационалната кариера ја почна на Исланд, каде што неколку месеци беше прв тренер на Санјфел по што кон крајот на 2008 година замина во Кувајт во таборот на Ал Кадсија. Ал Шааб е четврти странски тим што го предводи во својата тренерска кариера.

Игор Крстевски

Најново во Кошарка