САМО ВО „СПОРТМЕДИА“, НАШИОТ ТРЕНЕР ВО НОВА УЛОГА

МАКЕДОНСКА КОНЕКЦИЈА: Заре Марковски ќе ја води Романија

Со посредство на Игор Георгиев, кој сега работи како шеф на кошаркарските операции во федерацијата на Романија, постигнат е договор според кој искусниот стручњак, и актуелен предводник на турскиот Трабзон, како селектор ќе ги води Романците низ квалификацискиот циклус за пласман на Светскиот Куп во Кина. 

објавено: 17 октомври 2017 - 11:00

И Македонците знаат и умеат да соработуваат на оној кошаркарски план...

Доказ за тоа е и конекцијата која ја остварија Заре Марковски од една, и Игор Георгиев од друга страна. А како продукт на заедничката соработка, излезе договорот според кој Заре Марковски е именуван за нов селектор на Романија. 

„Интенција на федерацијата пред се на претседателот Хориа Паун, беше по завршувањето на Европскиот шампионат на кој Романија беше еден од домаќините, на турнирот реализиран во Клуж, да се најде ново селекторско решение. Мој предлог беше тоа да биде некое име од овие наши, балкански простори, а раководството на федерацијата ја прифати таа моја сугестија. Доволно добро знам за каков стручњак станува збор, тука нема дилеми“ - појаснува Георгиев, сега во улога на шеф на кошаркарските операции во романската кошаркарска федерација.

Со оглед на тоа дека Марковски има ангажман, и тоа како шеф на струката во турскиот прволигаш Трабзон, преговорите морале да бидат усогласени во детали.

„Кога падна одлуката да се разговара со Марковски, бевме свесни дека тоа нема да оди така лесно,. од проста причина што Заре има моментален ангажман во една екипа која треба да ги реализира плановите на клупското раководство. Но желбата беше голема, и на крајот се излезе како што треба. Разговаравме, на ’негов’ терен, во Трабзон, дојдовме до обострана согласност. И сметам дека тоа е само првиот чекор во реализација на нашите планови. Романија да биде стабилна селекција во европски рамки“ - дополнува Георгиев.

Со оглед на обврските на работното место, за очекување е Марковски да се појави во Букурешт на десетина дена пред почетокот на квалификациите за наредниот СК.

„ФИБА прозорците создадоа доста проблеми, но мора да ги почитуваме максимално. Јасно е дека нема многу време за некои сериозни промени. Но и во тој период додека Заре е со нас, ќе се обидеме да поставиме некои нови работи, нови односи, потребни за напредок на романската репрезентативна кошарка. Ќе се трудиме максимално да го искористиме неговото присуство“ - вели Георгиев, еден од главните „виновници“ што некогашниот македонски селектор ќе помага и во Романија, и тоа од истата таа селекторска позиција. 

Б. Радуловиќ

 

 

 

Најново во [Спортмедиа]