По втор пат во кариерата, Александар Костоски во Романија

Одам во Питешти, но ќе го испочитувам Куманово до крај!

„Тука сум, ќе играм на средбите против Фени Индустри и Сигал Приштина, а потоа доаѓаат обврските кон новиот клуб"- потврдува македонскиот репрезентативец.

објавено: 9 декември 2016 - 17:00

Александар Костоски е првиот македонски сениорски репрезентативец кој во текот на оваа сезона ќе оствари трансфер во некој клуб надвор од Македонија.
Еден од најдобрите наши кошаркари кои настапуваат во домашното првенство за неколку дена играњето за екипата на Куманово ќе го замени со она во романскиот прволигаш Питешти.
Односно со клубот со кој ги договорил сите детали каде по крајот на обврските кон актуелниот ќе се пресели во текот на следната недела.

„Питешти ќе биде клубот за кој ќе настапувам во следниот временски период. Односно кога ќе ми истекнат сите договорни обврски кои во моментов ги имам спрема екипата на Куманово" - потврдува македонскиот репрезентативец.

Репрезентативниот плејмејкер сака да ги испочитува сите обврски кон клубот во кој даде многу - Куманово.

„Договорено е со клупското раководство да ги одиграм следните два натпревари. Односно оној во сабота против екипата на Фени Индустри, а потоа и оној на 13. декември, во БИБЛ лигата, против екипата на Сигал Приштина. Мојата менаџерска агенција веќе го испрати договорот до раководството на Питшети. Прифатени се сите мои услови по што и дефинитивно заминувам. Но сакам и ќе го испочитувам во целост она што од мене го побара Куманово"- дополнува Костоски.

За него ова ќе биде втор обид за реализација на своите цели во Романија. Пред неколку години, односно во 2009 година кога го носеше дресот на Брашов.
Во својата интернационална кариера, актуелниот македонски репрезентативец го носеше и дресот на француските екипи По Ортез и Гравелин. А кај нас, освен Куманово и МЗТ Скопје, има играно и за екипите на Вардар, Работнички, Вардар Осигурување и Торус СЦБТ.

Најново во Кошарка