Што се случува со Предраг Самарџиски?

Пеџа е „слободен агент" - шанса за нашите клубови?

Некогашниот македонски репрезентативец е без договорна обврска откако не ја продолжи соработката со Мега Бемакс чиј дел беше во изминатиот период...

објавено: 12 октомври 2018 - 12:00

Нема толку многу години за да стави крaј на својата кариера. Изброја до 32, досега, што за еден кошаркар кој игра на позицијата центар, би требало, односно важи правилото дека тоа се најдобрите години за професионално играње.
Последните две ги помина „дома", односно во својот втор дом – Белград, како играч на Мега Бемакс.
Но таа „конекција" веќе ја нема, па Предраг Самарџиски е и официјално во улога на т.н. „слободен агент".
Навистина доста чудно, ако се земе в предвид дека токму такви профили на играчи се доста барани во Европа, согласно со тоа и на овие простори.

Уште позачудувачки е дека Пеџа е во една таква ситуација, да биде ставен на „листата на чекање", за реализација на некој нов трансфер во кариерата.
А ги имаше подоста. Ако земат да се бројат, ќе се стигне до бројката 11.
Од Партизан, преку ФМП, Црвена Ѕвезда, Мега во Србија, па преку Олин Едирне, Мерсин, ТЕД Колеџ Анкара и Бујукчекмеџе во Турција, па се таму некаде до Литвос Ритас на Балтикот...
Во меѓувреме една сезона во онаа вистинската „дома", во Скопје, како играч на МЗТ Скопје.
Оттука и едно друго прашање. Дали кога веќе не „помина" во соседството, мислиме на Србија, Самарџиски не би можел по втор пат во својата кариера да заигра за некој клуб од татковината, од Македонија.
Веројатно е дека одговорот би можел да биде и позитивен, дури и повеќе од тоа, да дојде до реализација на еден таков трансфер.

Од проста причина што кај нас постојат клубови, кои со Самарџиски би формирале и тоа како респектабилен ростер, и кои освен тоа, доколку менаџерскиот тим на Самарџиски би направил некој мал, пред се, финансиски попуст, тоа би била и идеална комбинација.
Со оглед на тоа пак дека негова матична агенција е „Беобаскет", не е тешко да се погоди дека тоа би можело да биде и еден своевиден "мост" на релација-Белград- Гостивар, каде, но во една сега поинаква улога, ситуација, да потсетиме, е уште еден клиент на „Беобаскет", Перо Антиќ.
Антиќ е претседател на Гостивар, да не говориме за неговите односи со Миодраг Ражњатовиќ, агентот на Самарџиски во изминатите години наназад.
Една добра „препорака" за еветуален трансфер на нашиот малку подзаборавен член на најсјајната репрезентативна генерација, онаа која ја освои Европа и во 2011 година стигна до 4. место на ЕП во Литванија.
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка