УШТЕ НЕКОЈ ДЕН ОДМОР ЗА НАШИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

Продолжено „боледување" за Костоски

Александар Костоски ќе мора да "одмори" уште некој ден за да ја санира повредата на скочниот зглоб на левата нога кој го повреди на последниот првенствен меч од регуларниот дел на шампионатот на Романија.

објавено: 20 март 2017 - 15:15

Македонскиот репрезентативен бек Александар Костоски започна со процесот на рехабилитација, со која треба да ја залечи повредата на скочниот зглоб на левата нога. Но според првичните прогнози, ќе мора да паузира уште некој ден од оние планираните кои се граничеа со бројката седум.

„Медицинскиот персонал во клубот прави се што е во нивна надлежност за што побрзо да се рехабилитирам, односно да се вратам на теренот. Јасно е дека во финишот на сезоната Питешти треба да обезбеди пласман во доигрувањето за шампионската титула. Па оттука и овие нивни обиди да бидам што е можно побрзо спремен за следните искушенија "- вели Костоски.

Без него во тимот, Питешти загуби и тоа убедливо на гостувањето во Темишвар (67:88), што носи дополнителна нервоза кај нашиот интернационалец, кој ќе го прескокне и наредниот меч, тешкото гостување во Клуж, предвидено за 22. март.

„За жал, се појасно станува дека тој период ќе биде нешто подолг. Односно ќе потрае десетина дена, иако оние секојдневни терапии носат одреден резултат. Сепак, најважно е да закрепнам целосно и бидам максимално подготвен за завршниот дел од оваа сезона" - истакнува нашиот репрезент во Романија.

Најново во Кошарка