ЕКСКЛУЗИВНО - НАШИОТ МЛАД ТРЕНЕР ОСТАНУВА ВО ЛИТВАНИЈА

ПРВА САМОСТОЈНА РАБОТА: Никола Василев ја предводи литванската Џукија

Откако успешно ја одработи асистентската улога во Литвос Ритас, нашиот млад 33. годишен стручњак ја доби довербата да биде прв тренер на литванскиот прволигаш во наредната сезона...

објавено: 20 септември 2017 - 12:40

Уште еден помалку заборавен лик во македонската репрезентативна кошарка направи еден одличен потег, тренерски...

Никола Василев, кој воопшто не е експониран во македонската кошаркарска јавност, полека но сигурно си го пробива европскиот пат.
Па откако прво се дозна дека ќе биде асистент во тренерскиот тим на литванскиот големец Литвос Ритас, сега од Литванија стигнува уште една, исто така голема вест.
Триесет и три годишниот Никола Василев е именуван за шеф на стручниот штаб на екипата Џукија од Алиус.
Доста познато место за нас, ако се земе в предвид дека на ЕП 2011 година, нашиот сенироски национален тим ја „одработе" првата фаза од првенството (со скор 4-1), а која беше увод во тој историски поход на македонската кошаркарска репрезентација.
А наш претставник во Литванија беше и останува Василев.

„Искрено, жал ми е што не можев да продолжам со работата во Литвос Ритас. Но во меѓувреме се сменија околностите. Дојде комплетно ново раководство. Бараа се да биде променето освен главниот тренер. Имаат респект кон името на Римас Куртинаитис, иако не сум баш сигурен дека и тоа ќе трае долго. Новиот раководен тим на Литвос Ритас сака некој своевиден 'рестарт'. Го прифатив тоа. Но ете, никогаш не знаеш што ти носи животот. После сето тоа, дојде ова, поканата да бидам прв тренер на екипата на Џукија".

Во Македонија малку се знае за литванската кошарка, барем онаа во која не се споменати Жалгирис и Литвос Ритас, лани и Лиеткабелис, противникот на МЗТ Скопје во Еврокупот. 

„Вака, Џукија е тим кој лани го освои осмото место во регуларниот дел од сезоната. Нормално, во првото коло од плеј-офот налетаа на Жалгирис, и тука спас нема. Оваа година управата сака да исчекори напред. Односно да 'фатиме' некои од местата на средината на табелата, да бидеме во 'златната средина'. Да имаме подолг престој во доигруавњето за титулата, каде одново топ фаворит е Жалгирис. „Зелено-белите" се неприкосновени, имаат десетмилиони буџет, далеку поголме од оној на Литвос Ритас, а да не говорам за другите. Ние сме со поскромни средства некаде помеѓу 400-500 илјади евра, но со тим кој верувам дека ќе ги реализира амбициите на раководството на клубот од Алитус" - дополнува Василев.

Иако важеше за еден од кандидатите да предводи некоја наша младинска селекција, Василев вели дека не е време за некоја таква работа.

Имав и премногу обврски во текот на летото, се посветив исклучиво на клупската работа. Освен тоа работев и некои индивидуални програми, но ги следев настапите на нашите национални селекции. Не сакам да ги коментирам, затоа што не сум доволно упатен во вистинската состојба. Можам само да претпоставувам, но резултатите се веројатно плод на некоја наша репрезентативна реалност. За нив треба да се изјаснат луѓето кои се одговорни за тоа"- вели некогашниот тренер во школата „Јуниор" , „Академија ФМП“ од Скопје, и асистент во некои репрезентативни акции на младинските селекции.
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка