ПЕРО АНТИЌ - АКТЕР НА НАЈВАЖНИОТ КОШАРКАРСКИ МЕЧ ВО 2016

Толку блиску, а така далеку од евролигашкиот хет-трик - Перо Антиќ

Останува запаметено засекогаш дека Перо Антиќ беше и еден од најдобрите играчи на теренот во „Мерцедес Бенз Арената". Дека 12.250 луѓе видоа дека Антиќ даде 16. поени за 17:35 минути кои ги играше во големото финале на европската кошарка, најважниот меч во 2016 година, во секој поглед.

објавено: 30 декември 2016 - 09:30

Долго време ќе го памети тој 16. мај, 2016 година, и оние моменти кои се случуваа во тоа незаборавно финале во Берлин.

Веројатно не по некои добри работи, какви што беа во минатото, но кога беше дел од едно друго семејство, она на Олимпијакос. Или кога освои две по ред шампионски титули во Евролигата.

Беше донесен во Истанбул делумно и поради тоа, што во себе го носи како искуство од играње на вакви турнири каде се бара една работа, титулата во Евролигата.
Работите не беа добри за Фенербахче, клубот кој го одбра во меѓувреме, по онаа НБА одисеја во Атланта Хоукс.

По три периоди од играта, „сино-жолтите" беа во заостанување, и тоа големо, (53:69). Но нашиот јунак од оваа берлинска приказна, и неговите соиграчи немаа намера да се предадат. Напротив ја притиснаа до зид силната „црвена армија". Дојдоа и до позиција да му се радуваат на пехарот...
Но само до моментот кога Виктор Хријапа не се дигна на шут и го однесе финалето во екстра период од пет минути. Тој простор веќе не беше на страната на Антиќ и на Фенербахче.
Но јасно е, тоа никој не може да го избрише, ќе остане запаметено дека Македонецот Перо Антиќ е претставник на она што се вика наша кошарка во натпревар кој го дава новиот европски првак.

И не само тоа, дека Перо Антиќ беше и еден од најдобрите играчи на теренот во „Мерцедес Бенз Арената". Дека 12.250 луѓе видоа дека Антиќ даде 16. поени, макар што 11 од нив дојдоа од линијата за слободни фрлања, а имаше и еден скок и загубена топка за тие 17:35 минути кои ги играше во големото финале на европската кошарка, најважниот меч во 2016 година, во секој поглед.
И дека два дена порано, му помогна на популарниот „Фенер" со осум поени и седум скока, за 28. минути во игра, да го победи шпанскиот состав Басконија (88:77), и да стигне до таква ситуација, да се надева на трет евролигашки трофеј.

Пехарот на Евролигата не дојде во Истанбул... Но тоа не го означи и крајот на истанбулскиот гигант, напротив...
Шампионскиот мозаик во Фенербахче постои, и се чини дека желбите се сега уште поголмеи по тоа берлинско разочарување. Доказ за тоа беше стартот на новото евролигашко издание, во кое незаобиколен дел е секако, Перо Антиќ!

Овој втор дел од сезоната игра во рамките на својот препознатлив стандард. Никако „наметлив", но пред се користен за оние планови кои ги креира веројатно најдобриот европски тренер Жељко Обрдовиќ. Не го загрижува ниту оној статистички дел кој вели дека во Евролигата игра скоро 16. минути по натпревари. Дека реализира 71. поен. Или во просек по 5.5 поени. Или пак дека има 31 скок, односно по 2.4 на натпревар. И скоро една освоена топка и додавање на оние досегашни 13 средби од кои на седум од нив беше во улога на стартер, што е показател плус за довербата која ја има кај Обрадовиќ, не само во оваа туку и во ланската година.

Следната шанса е уште подобра, и за Перо и за „Фенер"...
„Фајнал-форот" е закажан за месец мај, 2017, а ќе се игра, погодувате каде, во „Улкер Арената" во Истанбул, или подобро кажано, во домот на Фенербахче.

Најново во Кошарка