ФАНАТИЗАМ ДО БЕСКРАЈ, ОД АЗИЈА ДОЈДЕ ВО АФРИКА

Зивчевиќ ја одбра Александрија


"Имав две понуди од Египет, а ја прифатив оваа затоа што ова е шампионски клуб, односно најголем клуб во Египет, кој има многу добра организација, пред се"- вели македонскиот кошаркарски глобтротер.

објавено: 5 декември 2018 - 15:00

Не му се „седеше" долго „дома", во Македонија. Не дека не сака, но професионализмот не трпи таква врста на „сентименталност".

На крaјот на краиштата, мора да се работи нешто, особено кога човек е во напон на силата. Па така и во овoј сегмент спортскиот, односно кошаркарскиот.
Ненад Зивчевиќ го продолжува својот кошаркарски пат. Уште еднаш надвор од границите на Македонија, и тоа далеку, многу далеку.
По Нуваидрат и Бахреин, претходно престој во Ал Ахли во Катар, следува нешто ново во неговата кариера.
Следната дестинација во неговиот кошаркарски животопис овојпат е Африка, поточно кажано, Египет, односно првакот на земјата на „фараоните", Спортинг Александрија.

Оттука се наметнува и првото прашање, зошто токму Александрија, макар што одговорот и не чуди воопшто...

„Имав две понуди од Египет, а ја прифатив оваа затоа што ова е шампионски клуб, односно најголем клуб во Египет, кој има многу добра организација, пред се"- вели македонскиот кошаркарски глобтротер.

И во вистинска смисла на зборот, особено ако се види оној десен дел од неговата страница на Википедија. Листата е долга, доста долга...

Но како што вели „Зивче", многу поважно е она што стои во оние статистички показатели.

„Во секој случај, мислам дека каде и да сум играл претходно, сум го оставал, сум го давал сето она најдобро од себе. Така и ќе продолжам во новата средина. За мене е битно да бидам во служба на клубот за кој настапувам. Не гледам на бројките, макар што како по некое правило, во последно време, сум бил прв стрелец во екипата, и еден од најдобрите скокачи. Реков, тој дел немам намера да го коментирам. Тоа е работата на тренерите, ако се тие задоволни со мои пет-шест или десет поени, во ред. Ако побараат нешто повеќе, ќе се потрудам да го реализирам тоа. Впрочем за тоа сум и платен, нели. Така беше во Катар, така беше и во Бахреин, се надевам дека истото ќе биде и сега, во Египет?"- делува крајно професионално високото крило.

Интересно е дека Зивчевиќ доби и доста денови за она таканаречено „аклиматизирање" во новата играчка средина.

„Па во некоја рака е скоро па идеално. Затоа што првиот натпревар во новиот клуб ќе го играм на за некој ден, поточно, на 7.декември. Сосема доволно да се запознаат со сите во клубот, пред се нели соиграчите, добар дел од нив се репрезентативци на Египет, кој исто така играа квалификации за пласман на Мундијалот во Кина, па беа отсутни овие денови. Ова е друг крај на Земјата, но кошаркарскиот терен е ист, за сите па и за мене. Очекувам продолжение, ајде да го наречамм на оној тренд на мои добри игри, и на победи за Спортинг Александрија. Тоа е мојата нова мисија која ја реализирам во Африка"- порачува новиот жител на древната Александрија.

Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка