ВЛЕГОА ВО ГУБИТНИЧКА СЕРИЈА

Кливленд го доби синдромот на МЗТ, водеше 22 разлика и на крај загуби

Актуелниот вицепрвак го претрпе третиот пораз во низа, односно загуби седми пат во последните девет натпревари

објавено: 13 јануари 2018 - 08:22

Кливленд продолжува да губи. Ниту одличната игра на Леброн Џејмс не беше доволна за Кавс да ја прекинат серијата порази. Џејмс заврши со 27 поени, 11 асистенции и осум скока, но и покрај тоа Индијана беше тимот кој на крајот се радуваше на победа и тоа од 97:95. 

Да биде уште поинтересно, Кливленд на крајот од првата четвртина имаше 22 поени предност (34:12), но домаќините не се предадоа и на крајот направија голем пресврт. За Кливленд ова е трет пораз во низа, односно губат седми пат во последните девет меча. 

За разлика од Кливленд, шампионот Голден Стејт нема милост. „Воините“ стигнаа до 11 победа по ред на гостински терен, откако лесно со 108:94 го победија Милвоки. Иако гостите беа без Стеф Кари, во ниту еден момент немаа проблем и предводени од Кевин Дурант кој имаше 26 поени, на крајот стигнаа до двоцифрена победа.

Резултати: Шарлот - Јута 99:88, Индијана - Кливленд 97:95, Вашингтон - Орландо 125:119, Атланта - Бруклин 105:110, Милвоки - Голден Стејт 94:108, Минесота - Њујорк 118:108, Њу Орлеанс - Портланд 119:113, Денвер - Мемфис 87:78, Феникс - Хјустон 95:112.

Најново во Кошарка