стратегот го продолжи договорот со „штрковите“

Кочов на клупата на МЗТ и во следните две сезони

Иако не успеа да ја продолжи низата на шампионски трофеи на тимот од Аеродром, младиот стратег доби доверба од челниците на клубот

објавено: 25 јуни 2018 - 12:39

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го реши тренерското прашање за следниот период, откако денеска беше ревидиран и потврден договорот со актуелниот стратег Ѓорѓи Кочов, кој се обврза да седи на клупата на „штрковите“ најмалку во следните две сезони.

Иако не успеа да ја продолжи низата на шампионски трофеи на тимот од Аеродром, младиот стратег доби доверба од челниците на клубот.

Станува збор за млад тренер и поранешен селектор на јуниорската репрезентација на Македонија, кој на почетокот на април го наследи Жељко Лукајиќ и ја доврши сезоната како прв стратег, откако кон крајот на минатата година дојде во Аеродром како негов прв помошник.

Кочов во „Јане Сандански" дојде од таборот на Вардар, каде што одработи една ипол сезона како предводник на овој тим, прво во Првата лига, а потоа и во второлигашка конкуренција. Претходно, тој имаше успех и со јуниорскиот и младинскиот состав на Вардар, поради што во 2016 година беше прогласен за најдобар тренер во Македонија во младинска конкуренција.

Предводникот на МЗТ Скопје Аеродром зад себе има и солидна играчка кариера и тоа настапувајќи за матичниот Работнички како и за Вардар 2000, МЗТ Скопје Аеродром и за Вардар Апаве, каде што се пензионира на крајот од сезоната 2015/16.

Најново во Кошарка