МОМЕНТ ЗА ПРЕСВРТНИЦА НА СЕЗОНАТА НА МЗТ СКОПЈЕ

ЛУКАЈИЌ: Во овие три дена покажавме дека тимот подобро ’дише’...

„За се треба процес. Ментално бевме силни, реагиравме во лошите моменти одлично, особено Трајковски и Стојановски. Голема благодарност и за навивачите кои се вратија, тие ни се од голема помош"- изјави Лукајиќ по освојувањето на првиот трофеј во сезоната.

објавено: 18 февруари 2018 - 21:51

Издржаа многу кошаркарите на МЗТ Скопје во оваа сезона. Серија на критики за оние слаби, очајни игри во АБА лигата, неколку порази и во домашниот шампионат.

Но овие три меча и три победи во кавадаречки „Јасмин“, но и освоениот Куп на Македонија, по деветти пат во клупската историја, треба да се некоја превсртница кај „сино-белите“ од Аеродром.

Јасно е дека без оглед на лошиот ефект кој го имаа на Јадранот, сепак, и во една таква ситуација во која немаат два важни играчи во ротацијата како Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ се фаворити против оној „останат дел од нашата Прва лига“.

А тоа „аеродромци“ и го валоризираа со кревањето на првиот пехар во сезоната. Оној кој им избега во последните два обиди. Но е уште поважен ако се земе в предвид дека со него сега се на иста линија со клубот против кого вечерва го прославија тој момент - Работнички.

„Натпреварот беше достоен за финале. Немаше многу убавина, но имаше тактизирања. Проблем ни правеше нивната „пик" игра на Чековски и Мираковски, Докузовски добро го имаше подготвено мечот.

Ние го чекавме моментот на нашата игра, го приведовме мечот кон наш финиш. По лошата сезона во АБА и повредите, најважно е што го освоивме Купот.

Мора брзо да го заборавиме ова, не чека уште многу работи што треба да ги поправиме во чекор. Пехарот може да влијае многу на нас, веќе во овие три дена покажавме дека тимот подобро ’дише’. За се треба процес. Ментално бевме силни, реагиравме во лошите моменти одлично, особено Трајковски и Стојановски. Голема благодарност и за навивачите кои се вратија, тие ни се од голема помош"- изјави Лукајиќ по освојувањето на овој трофеј, прв во сезоната.

Најново во Кошарка