кливленд славеше на гости против бостон во мајсторката

Леброн е неуништлив! Осма сезона по ред ќе игра во големото НБА финале (Видео)

Во мечот број 7, Бостон ја имаше предноста на домашниот терен, но Џејмс реши да ја задржи традицијата и да не пропушти да биде дел од финалето, од 2010 година до сега

објавено: 28 мај 2018 - 08:00

Кливленд е првиот финалист во НБА лигата. Каверирс се изборија за ново финале, откако во решавачкиот седми меч, на гостински терен го победија Бостон со 87:79. Очекувано, најзаслужен што Кливленд повторно е во финалето, е неверојатниот Леброн Џејмс. 

Првата ѕвезда не само во тимот на Кливленд, туку воопшто во НБА лигата, повторно покажа дека е најдобар кога е најпотребно. Џејмс ги одигра сите 48 минути на решавачката средба, која ја заврши со 35 поени, 15 скока и девет асистенции. Покрај него, кај гостите одличен беше и Грин со 19 поени и 8 скока. 

Со оваа победа на Кливленд, Леброн ја продолжи неверојатната серија, а тоа е да биде дел од големото НБА финале од 2010 година, па до сега. Во финалето, Кливленд ќе го чека подобриот од Хјустон и Голден Стејт кои исто така ќе играат решавачки седми натпревар. 

Бостон ја имаше предноста на домашен терен во „мајсторката“ и долично започна. Домаќините поведоа со 11:4, а веќе на почетокот на втората четвртина поведоа и со 12 разлика.Сепак, Кливленд не се предаде и со серија од 16:5, успеа на полувремето да замине само со четири поени негатива. 

Во третата четвртина Кливленд одигра неверојатна одбрана. Гостите му дозволија на Бостон да даде само 13 поени за 12 минути и во решавачката четвртина влегоа со предност од три поени, која не само што ја задржаа, туку на крајот стигнаа и до победа од осум разлика, која им носи ново НБА финале. 

Најново во Кошарка