ОТКАКО ЕВРОЛИГАТА ЈА ОДБИ ФИБА

Македонија без првиот плејмејкер и поентер во претквалификациите?

Покрај Перо Антиќ, отпаѓа и Џордан Теодор, можеби треба да се проба со Лестер Мекејлеб?

објавено: 9 октомври 2017 - 18:35

Националниот тим на Македонија нема да може да смета на услугите на Џордан Теодор и на Перо Антиќ за мечевите од претквалификациите за Евробаскетот 2021.

Откако Евролигата остана цврсто на ставот дека нема да ги смени термините за да може играчите да бидат ослободени за репрезентативни обврски, шансите евролигашките кошаркари да играат за своите селекции станаа минимални и само некакво чудо може да ги смени работите во последен момент.
Најзасегнати од овој проблем се најсилните европски национални тимови, но и оние послабите како Македонија нема да бидат нечепнати.

Во Евролигата имаме двајца претставници, Перо Антиќ и Џордан Теодор, и тие се отпишани од можноста да помогнат во ноември и во февруари, кога „црвено-жолтите" ги играат своите мечеви со Словачка и со Швајцарија.
За разлика од „црвено-жолтите", такви „евролигашки" проблеми немаат нашите противници, кои јасно е, комплетни ќе се борат за влез во квалификациите за ЕП 2021.
Се чини дека принудното отсуство на Теодор, кој игра за Армани Милано, отвора можност во репрезентацијата на Македонија да се врати Лестер Мекејлеб.

„Летечкиот Бо" во моментов е без ангажман и ако не потпише за некој евролигаш или тим од Еврокупот, би можел да му се стави на располагање на селекторот Јорданчо Давитков.
Трета и помалку очекувана опција на плејмејкерската позиција од натурализираните е 35. годишниот Маркиз Грин, кој игра за Авелино.

Најново во Кошарка