ЈУНИОРИТЕ ВЛЕГОА ВО РИТАМ НА ЕП, Б-ДИВИЗИЈА

Македонија со втора победа по ред, славевме и над Швајцарија

По четири одиграни меча, „црвено-жолтите“ сега имаат по две победи и два порази

објавено: 1 август 2017 - 14:24

Македонската репрезентација за играчи до 18 години стигна и до вториот успех на Европското првенство, Б-дизивија во Талин, Естонија. Нашите момци попладнево беа подобри од врсниците на Швајцарија и тоа со убедливи 84:61.

За „црвено-жолтите“ ова е втора победа по ред, откако во претходното коло ја совладавме Република Ирска. Македонија одигра одличен меч против Швајцарија. Уште во првата четвртина стигна до водство од 23:17, а предноста од шест поени, ја задржавме и на полувремето.

Во третиот дел „црвено-жолтите“ притиснаа уште повеќе и ја зголемија предноста. Во 29 минута беше 61:49 за нашите надежи, а со серија од 10:0, таа предност во 33 минута изнедуваше високи 71:49 и беше познато кој ќе слави на овој меч. 

Крстевски со 22 поени и 14 скока беше предводник на македонскиот тим, додека со двоцифрен број на поени беа и Стојановски 18 поени, Јордановски 17 и Михајлоски со 13 поени. 

Следниот меч Македонија ќе го игра утре против фаворитот Естонија, во 17:15 часот. 

Најново во Кошарка