дали се гледа крајот на шестгодишната доминација?

МЗТ Скопје ќе има два и пол пати помал буџет од Работнички!

Според најавите, градоначалникот на Аеродром, Златко Марин планира да одвои 200.000 евра од буџетот за кошаркарскиот првак, додека првиот човек на Центар ќе дава речиси 500.000 евра за Работнички

објавено: 19 декември 2017 - 09:27

МЗТ Скопје Аеродром ќе добие 200.000 евра од буџетот на општина Аеродром, пишува порталот „сдк.мк“. Според најавите, актуелниот кошаркари првак на Македонија, ќе ги добие овие пари од општината, која со години е главен спонзор на тимот од „Јане Сандански“.

Оваа сума на општински пари која се најавува за „штрковите“ од Аеродром е два и пол пати помала од таа што ќе ја добива најголемиот ривал на МЗТ, екипата на Работнички. За момците од „Градски парк“, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ најави дека ќе одвои 490.000 евра од буџетот на општината.

Тоа најверојатно ќе биде и најголемиот буџет за еден клуб од општината во која се наоѓа. 

За разлика од МЗТ Скопје и Работнички, екипата на Карпош Соколи повеќе нема да добива пари од општината Карпош, каде градоначалник е Стефан Богоев. Колку за споредба, претходниот градоначалник на Карпош, Стефче Јакимовски, одвојувал 620.000 евра за потребите на клубот, пишува „сдк.мк“.

 Според резултатите во оваа сезона, МЗТ е далеку од тоа што го покажуваше во претходните сезони. Тимот е убедливо последен во регионалната АБА лига, а и во првенството веќе има три порази во девет меча, за разлика од Работнички, кој има 10 победи во 10 меча.

Работнички славеше и во директниот дуел против МЗТ Скопје и тоа сред Аеродром.

Најново во Кошарка