„ЖЕШКИТЕ“ ГО НАЈДОА ЛЕКОТ ЗА СЕЛТИКСИ

Бостон изгоре во Мајами, Вориорс го положија оружјето пред Вестбрук (ВИДЕО)

Серијата од 16 победи во низа на Бостон заврши во Мајами каде беше совладан со 104:98. Оклахома предводена од Расел Вестбрук на домашен терен го победи Голден Стејт со 108:91. 

објавено: 23 ноември 2017 - 08:01

Кошаркарите на Бостон во Мајами ја завршија импресивната серија од 16 победи во низа. „Жешките" славеа со 104:98 во одличното издание на Горан Драгиќ, кој мечот го заврши со 27 поени, пет скока и четири асистенции. На другата страна Кајри Ирвинг имаше 23 поени, три асистенции и еден скок.

Мајами од стартот го наметнаа своето темпо, по првата четвртина поведоа со двоцифрени 27-16, а додека на полувреме заминаа со 54-41. Откако домашниот состав одигра добро во третиот период, Бостон се разбуди во последните 12. минути, ги доби со десет поени разлика, но тоа беше премалку за да ја продолжи победничката серија.

Поразот не ги симна Селтикси од врвот на Источната конференција, имаат скор од 16 победи и само три порази, што и натаму е најдобар во досегашниот дел од сезоната во НБА-лигата.

Оклахома на домашен терен го совлада Голден Стејт со 108:91. Расел Вестбрук го имаше главниот збор против шампионот, постигна 34 поени. Кај Вориорс, Стеф Кари имаше 24 поени. Голден стејт е на второто место во Западот, со еден пораз повеќе од лидерот Хјустон.

Резултати: Шарлот - Вашингтон 129:124 (прод.), Кливленд - Бруклин 119:109, Филаделфија - Портланд 101:81, Атланта - ЛА Клиперс 103:116, Мајами - Бостон 104:98, Њујорк - Торонто 108:100, Хјустон - Денвер 125:95, Мемфис - Далас 94:95, Минесота - Орландо 124:118, Њу Орлеанс - Сан Антонио 107:90, Оклахома - Голден стејт 108:91, Феникс - Милвоки 107:113 (прод.), Јута - Чикаго 110:80, Сакраменто - ЛА Лејкерс 113:102.

Најново во Кошарка