Оклахома убедливо против Лејкерси, "Булси" сигурни

Данливи блескаше и со десет конци на главата во победата на Чикаго (ВИДЕО)

објавено: 14 март 2014 - 10:28

Во ноќта помеѓу четврток и петок беа одиграни три натпревари во НБА лигата. Чикаго го совлада Хјустон со 111:87, Атланта беше подобра од Милвоки со 102:97, а Лејкерси доживеаа нов убедлив пораз, овој пат од Оклахома со 131:102.

Лејкерси неодамна успеаја да слават победа над Оклахома, но на синоќешното гостување кај истиот противник во целост беа надиграни. Набрзо имаа негатива од 18 поени, а на одмор домаќинот замина со +14, 60:46. Расел Вестбрук уфрли 29 поени, а имаше и девет скокови, Кевин Дурант исто така постигна 29 поени надополнети со четири скока и три асистенции, а Серж Ибака покрај 17-те постигнати поени забележа и 7 блокади. Во составот на "езерџиите", Џоди Микс постигна 19 поени, Бејмзор имаше 16 поени и 7 скокови, а Пау Гасол имаше просечен настап со 14 поени и 6 скокови.

Мајк Данливи јуниор на почетокот од втората четвртина доби лакт од Чендлер Парсонс во лицето. Веднаш го напушти теренот, но се врати, па ниту десетте конци не му попречија да ги предводи "биковите" до триумф. На крајот на натпреварот имаше 21 поен и 7 скокови.

Покрај него, Жоаким Ноа уфрли 13 поени, а имаше и 10 скокови и 9 асистенции, Кирк Хајнрих забележа 19, а Карлос Бузер 18 поени. Најефикасен во редовите на Хјустон беше Џереми Лин со 21 поен, Двајт Хауард натпреварот го заврши со 12 поени и 10 скокови, а Џејмс Харден уфрли осум поени.

 

 

Најново во Кошарка