СЛОВЕНЕЦОТ ЌЕ БИДЕ МЕЃУ ПРВИТЕ 4-5 ПИКА НА НБА ДРАФТОТ

Откако даде тројка за титула, Дончиќ може да присуствува на драфтот (Видео)

Ако Реал синоќа загубеше, Лука Дончиќ сигурно немаше да оди во Бруклин на НБА драфтот

објавено: 20 јуни 2018 - 09:30

Лука Дончиќ синоќа го одигра својот последен натпревар во дресот на Реал Мадрид и кариерата ја продолжува во НБА лигата. Еден од најголемите таленти во историјата на европската кошарка, сезонава ги освои Евролигата и шпанското првенство, и како голем шампион се сели во најсилната лига на светот, каде што му е местото. 

Имаше дилеми дали Дончиќ ќе може да оди на драфтот в четврток вечер во Њујорк, но откако Реал синоќа ја заврши работата во финалето на плејофот, Словенецот би требало лично да присуствува на драфтот, каде се очекува да биде меѓу првите пикови.

„Немам зборови, зад нас е феноменална сезона. Ова е најуспешната сезона во мојот живот. Уште не знам дали ќе одам на церемонијата на драфтот, треба да разговарам со мојот агент, па ќе видиме што ќе правам. Би било прекрасно ако бидам меѓу првите пет пика на драфтот“ - изјави Дончиќ, за кого речиси е сигурно дека ќе биде и меѓу првите четворица избрани на драфтот. 

Последниот меч како играч на Реал, ќе го памети по неверојатната тројка во клучните моменти, кога на две ипол минути до крајот, на својот тим му донесе предност од шест поени разлика. 

 

Најново во Кошарка