ДВАТА НАЈДОБРИ НБА ТИМА СЕ ВО КРИЗА

Голден Стејт и Кливленд губат од кој ќе стигнат (Видео)

Шампионот втор пат сезонава губи на свој терен, а тимот на Леброн Џејмс е поразен четврти пат во последните пет натпревари

објавено: 30 октомври 2017 - 08:25

Голден Стејт и Кливленд во минатата сезона беа страв и трепет за противниците. Двата најдобри тима во НБА лигата, во последните неколку сезони, сега лошо ја стартуваа новата сезона. Наместо победи, тие редат порази. 

Шампионот Голден Стејт веќе има два порази на свој терен, откако ноќесна, пред своите навивачи загуби од Детроит, со 115:107. Ејвори Бредли беше предводникот на гостите, постигнувајќи 23 поени во победата. Првата четвртина не ветуваше дека може да се случи изненадување. „Воините“ имаа предност од 35:27 по првите 12 минути, но потоа се случи пад во нивната игра, а тоа го искористија играчите на Детроит. 

Клеј Томпсон даде 29 поени и стана 11 играч во клупската историја на Голден стејт кој ја поминал бројката од 9.000 поени. 

Кливленд и дефинитивно е во криза. Тимот на Леброн Џејмс загуби четврти пат во последните пет меча. Овојпат на свој терен беа немоќни во дуелот против Њујорк, кој славеше со убедливи 114:95. гостите уште во првата четвртина стигнаа до двоцифрена предност (29:19) и до крајот не дозволија Кливленд да се врати во игра. 

Леброн Џејмс даде 16 поени, а имаше и 10 скока и 7 асистенции, но имаше слаб процент на реализација. Во тимот на Њујорк, Тим Хардевеј со 34 поени и Кристапс Порцингис со 32 поени и 12 скока беа најефикасни во победничкиот тим. 

Резултати: Кливленд - Њујорк 95:114, Голден Стејт - Детроит 107:115, Сакраменто - Вашингтон 83:110, Шарлот - Орландо 120:113, Бруклин - Денвер 111:124, Индијана - Сан Антонио 97:94, Атланта - Милвоки 106:117.

Најново во Кошарка