МНОГУ ВОЗБУДЛИВИ МЕЧА ВО НБА ЛИГАТА

Голден Стејт покажа кој е шампион и немаше милост ниту за Коби

„Воините“ победија на гости во Лос Анџелес, во меч кој мораше да се реши дури по продолжение

објавено: 19 декември 2017 - 09:00

Кевин Дурант даде 36 поени, вклучувајќи го и победничкиот кош на 7,3 секунди пред крајот, за победа на Голден Стејт на гостувањето во Лос Анџелес против Лејкерс, од 116:114. За актуелниот шампион ова е девета победа по ред, продолжувајќи ја одличната низа. 

Ова беше меч посветен на Коби Брајант чии дресови беа повлечени на церемонија за време на полувремето од средбата. Најдобриот играч на Голден Стејт, Стеф Кари, поради повреда го пропушти петиот меч по ред, но затоа на теренот беа Дурант и Клеј Томпсон. 

Дуото на шампионот започна лошо. Промаши 31 од првите 40 упатени удари, но и двајцата продолжија да шутираат и на крајот почнаа да погодуваат. Дурант ги погоди сите четири шута во клучните моменти во продолжението. На краот заврши со 36 поени, додека Томпсон даде 17 поени, а имаше и 10 скока. 

Уште четири меча утрово завршија со разлика која се стигнува со само еден напад. Бостон со 112:111 славеше на гости кај Индијана, Минесота со 108:107 го победи Портланд, а Оклахома со 95:94 беше подобар од Денвер. Со два поени разлика Чикаго ја победи Филаделфија со 117:115.

Без проблеми и со голема разлика славеше тимот на Хјустон. „Ракетите“ продолжија со одличните игри и стигнаа до 14 победа по ред, откако на свој терен со 120:99 славеше против Јута џез. 

Резултати: Шарлот - Њујорк 109:91, Индијана - Бостон 111:112, Атланта - Мајами 110:104, Чикаго - Филаделфија 117:115, Хјустон - Јута 120:99, Минесота - Портланд 108:107, Оклахома - Денвер 95:94, Далас - Феникс 91:97, Сан Антонио - ЛА Клиперс 109:91, ЛА Лејкерс - Голден Стејт 114:116.

Најново во Кошарка