ПРВАТА ЅВЕЗДА НА ХЈУСТОН БЛЕСКА

Харден незапирлив, постигна личен рекорд (Видео)

Даде рекордни за него во кариерата, 56 поени, а имаше и 13 асистенции, за само 35 минути поминати на теренот

објавено: 6 ноември 2017 - 07:41

Само два дена откако првата ѕвезда на Кливленд, Леброн Џејмс даде 57 поени, дојде редот и на Џејмс Харден. Најдобриот играч на Хјустон игра одлично сезонава, но на дуелот против Јута џез (137:110), блесна најсјајно. Даде рекордни за него во кариерата, 56 поени, а имаше и 13 асистенции, за само 35 минути поминати на теренот. 

Харден имаше и одличен шут, погодувајќи 19 од 25 шута од поле. За три поени погоди седум пати од седум обиди, а како единствено промашување од далечина му се смета ударот кога мораше да шутне надвор од баланс, на истекот на еден напад во последната четвртина. 

Публиката во „Тојота центарот“ извикуваше „МВП, МВП“, а откако беше јасно дека Хјустон убедливо ќе победи, Харден беше повлечен од игра, инаку рекордот можеше да биде уште подобар. Во следниот меч, Хјустон игра против Кливленд и ќе биде интересно да се види поентерскиот дуел меѓу Харден и Џејмс. 

Резултати: Кливленд - Атланта 115:117, ЛА Клиперс - Мајами 101:104, Орландо - Бостон 88:104, Торонто - Вашингтон 96:107, Хјустон - Јута 137:110, Сан Антонио - Феникс 112:95, Њујорк - Индијана 108:101, Минесота - Шарлот 112:94, Портланд - Оклахома 103:99, ЛА Лејкерс - Мемфис 107:102.

Најново во Кошарка