ОТКАКО НЕ ГО СТАВИЈА НА ПОСТЕР

Кантер е лут, можеби и малку преамбициозен: Јас сум најдобриот турски кошаркар на сите времиња!

Кошаркарот на Њујорк Никс, Енес Кантер вели дека се почувствувал навреден кога видел дека го нема на фотографијата на „НБА Европа" посветена на најдобрите турски кошаркари во тоа натпреварување, но и дека проблемот бил брзо решен.

објавено: 5 декември 2018 - 08:00

На својот Инстаграм профил, „НБА Европа" прикачи фотографија на Џеди Осман, Ерсан Илјасова и Фуркан Коркмаз заедно со натпис „Ги славиме најдобрите турски кошаркари во НБА лигата".
Набрзо стигна реакцијата на Кантер.

Фотографијата беше „поправена" и на неа се најде снажниот центар на Никс.

„Ја поставија таа фотографија без мене. После ја сменија. Ме повикаа, и се извинија. Јас сум голем човек. Па ќе го прифатам извинувањето. Но тоа е непочитување. Јас сум најдобриот турски играч кој заиграл некогаш тука" – порача 26.годишниот кошаркар, инаку роден во Швајцарија, поточно во Цирих.

Во 2011 година, Кантер беше одбран како трет пик на драфтот од страна на Јута Џез. Во Солт Лејк Сити играше до 2015 година, па следуваа две години поминати во Оклахома, за во летото 2017 година да премине во тимот од „Големото Јаболко" каде оваа сезона во просек реализира по 14.9 поени, 11.8 скока и 2.1 асистенции.

 

Најново во Кошарка