ЗАВРШИ ВИКЕНДОТ НА НАЈДОБРИТЕ ЅВЕЗДИ ВО НБА

Луд Ол стар меч: Дејвис постави нов рекорд по бројот на дадени поени (Видео)

Ентони играше на свој терен, пред домашна публика и постигна неверојатни 52 поени, во победата од 192:182 на Западот против Истокот. Ова беше меч со најмногу поени во историјата на лигата

објавено: 20 февруари 2017 - 08:07

Името на Ентони Дејвис влегува во историјата на Ол стар натпреварите во НБА лигата. Центарот на Њу Орлеанс блесна на победата на Западот против Истокот (192:182), во 66, издание, на најдобрите ѕвезди. Дејвис постигна 52 поени, што претставува нов рекорд на Ол стар дуелите, а воедно беше поставен и рекорд по најмногу постигнати поени на еден меч во лигата. 

Центарот на Њу Орлеанс го надмина рекордот на легендарниот Вилт Чемберлејн кој во 1962 година постигнал 42 поени. Дејвис на крајот имаше 52 поени и 10 скока, па тој и Чемберлејн се единствените двајца играчи кои дале преку 40 поени, а имале и 10 скока.

Очекувано, по ваквата игра, Дејвис го доби и признанието за најдобар кошаркар на мечот. Ова е прв пат по 2011 година, МВП да биде играч кој е од градот домаќин на средбата. Во изминативме 25 години тоа им успеваше уште и на Коби Брајант (2011), Карл Мелоун и Џон Стоктон (1993) и Шекил О'Нил (2004 и 2009). 

Освен Дејвис, во дуелот на кој имаше неверојатни 374 поени, блескаа и останатите ѕвезди. Кевин Дурант имаше „трипл-дабл“. Тој е само четвртиот играч со вакво постигнување, приклучувајќи им се на Мајкл Џордан (1997), Леброн Џејмс (2011) и Двејн Вејд (2012). 

Расел Вестбрук даде 41 поен, па сега тој има вкупно 113 поени на последните три Ол стар средби, што исто така преставува рекорд. Претходниот рекорд по број на дадени кошеви на три Ол стар дуели по ред беше во сопственост на Дурант кој даде 104 поени во периодот од 2012 до 2014 година.

Само Вестбрук и Коби Брајант може да се пофалат дека на три вакви натпревари по ред ја надминуваат бројката од 30 поени. Рекордерот Дејвис сите 52 поени ги даде од поле и имаше неверојатен шут од 66 отсто прецизност. Реализираше 26 од 39 обиди. Покрај Дејвис и Вестбрук, кои комбинирано дадоа 93 поени, одличен беше и Дурант со „трипл-дабл“ (21 поени, 10 скока и 10 асистенции), Стеф Кари даде 21 поен, Џејмс Харден застана на 12 поени, а Клеј Tомпсон имаше 12 поени.

На спротивната страна, центарот Јанис Антетокунмпо беше најпрецизен со 30 поени. Леброн Џејмс имаше 23 поени, а Ајзеа Томас даде 20. 

За Западната конфедернција ова беше 28 победа на Ол стар мечевите, додека Истокот остана на 38 триумфи. 

Најново во Кошарка