НБА - НЕДОВОЛНИ БЕА 42. ПОЕНИ НА ХАРДЕН

Лука Дончиќ во најдобро светло, дербито на Истокот за Бостон! (ВИДЕО)

Далас го совлада Феникс (104:94), потоа Бостон беше убедлив против Индијана со 135:108, а триумф оствари и Милвоки над Хјустон.

објавено: 10 јануари 2019 - 08:30

Селтикси против Пејсерси ја добија секоја четвртина, на паузата играчите на Бред Стивенс веќе имаа двоцифрена предност од 68:53. Разликата само растеше, Бостон на крајот убедливо славеше против тимот кој му е ривал за висок пласман во Источната конференција.

Во победничките редови најефикасни беа Маркус Морис и Џејлен Браун со по 22 поени, а на спротивната страна Домантас Сабонис беше најдобар со 20 поени.

Хјустон е поразен од Милвоки со 116:109, Рокетси водеа после првото полувреме, но Бакси успеаја да направат пресврт освојувајќи го третиот период со 15 разлика. Кошаркарите на Буденхолцер на крајот од третата и почетокот на последната четвртина имаа серија од 15:1 и оттогаш домаќините не се вратија во мечот.

Џејмс Харден ја заврши средбата со 42 поени (11 скокови), а кај гостите доминираше Адетокунбо, грчкиот интернационалец реализираше 27 коша и дури 21 скок.

Далас славеше над Феникс, а одличен беше Лука Дончиќ кој запиша 30 поени, Харисон Барнс додаде 17, а за „сонцата" Ти Џеј Ворен се истакна со 20.

После израмнетото прво полувреме Далас ја презеде иницијативата во третата четвртина по што не дозволуваше да ја испушти предноста. Иако составот на Кокошков константно имаше резултатски приклучок, оној на Карлајл имаше адекватни решенија во нападот и така одржуваше комфорни 10 позитива.

НБА резултати: Бостон-Индијана 135:108, Вашингтон-Филаделфија 123:106, Бруклин-Атланта 116:100, Хјустон-Милвоки 109:116, Мемфис-Сан Антонио 96:86, Њу Орлеанс-Кливленд 140:124, Далас-Феникс 104:94, Јута-Орландо 106:93, Портланд-Чикаго 124:112, ЛА Лејкерс-Детроит 113:100.

Најново во Кошарка