ШАМПИОНОТ ЛЕСНО СО ФЕНИКС

Нема шега со Вориорс, фантастичен Шариќ (ВИДЕО)

Голден Стејт ја забележа третата победа во низа, откако на домашен терен го совлада Феникс со 129:83. Дарио Шариќ ја предводеше Филаделфија до триумфот над Њујорк 108:92.

објавено: 13 февруари 2018 - 09:00

Голден стејт ја потврдија улогата на фаворит на домашен терен, убедливо го совладаа Феникс со 129:83 нанесувајќи му го шесттиот пораз во низа. Неизвесност имаше само во првата четвртина, во која гостите на неколку пати имаа водство, но на крајот Вориорс ја добија со 25-24. Во продолжение следеше вистинска агонија, шампионот беше незадржлив.

Дрејмонд Грин со 22 поени, 9 скока и 9 асистенции беше најефикасен, Кари застана на 19 поени, додека Дурент реализираше 17 поени, еден помалку постигна Томпсон. На другата страна Пејтон запиша 29 поени.

Голден стејт е лидер во Западната конференција со скор од 44-13, додека Санси се на 14. позиција со скор од 18-40.

Филаделфија дефинитивно сериозно планира да игра во плеј-офот, потврдата за ова дојде по триумфот над Њујорк (108:92). Најзаслужен за 29 победа беше Дарио Шариќ, кој мечот го заврши со 24 поени, одлични 4/6 за три поени, четири скока. Редик запиша 18 поени, додека Ембид застана на 17 поени. Кај Њујорк, Бизли имаше 22 поени, зад него беше Кантер со дабл-дабл од 17 поени и 13 скока.

Филаделфија е на седмото место во Истокот со скор од 29 победи и 25 порази, додека Никси се на 11 позиција со скор од 23-35.

Резултати: Детроит – Њу Орлеанс 103:118, Филаделфија – Њујорк 108:92, Бруклин – ЛА Клиперс 101:104, Чикаго – Орландо 105:101, Јута – Сан Антонио 101:99, Голден стејт – Феникс 129:83.

Најново во Кошарка