ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ ВО ИСТОРИЈАТА ВЕЧЕРВА ЗАМИНУВА ВО ПЕНЗИЈА

Последниот танц на „црната мамба“, последните 48 минути за Коби во НБА!

Голден Стејт може вечерва да стане најуспешниот тим во историјата на НБА лигата, но евентуалниот успех на актуелниот првак во секој случај ќе остане во длабока сенка на она што ќе се случува во Стејплс центарот во Лос Анџелес.

објавено: 13 април 2016 - 23:30

По 20 години во НБА лигата, пет шампионски титули, еден куп соборени рекорди, лични и тимски успеси, кариерата ја завршува еден од најдобрите кошаркари во историјата - Коби Брајант. Лејкерс одамна се отпишани од борбата за пласман во плеј офот и вечерва за нив завршува сезоната, но вториот најтрофеен тим во НБА во секој случај ќе биде во центарот на вниманието на сите кои на некој начин се поврзани со кошарката.

Нема сомнение дека Стејплс центарот ќе биде преполн, билетите се одамна распродадени, а нивната цена достигна околу 26 илјади долари. Подготвено е целото сценарио: натпреварот против Јута Џез ќе почне со видео посветено на еден од најдобрите кошаркари во историјата на Лос Анџелес Лејкерс и иден член на Куќата на славните, а по мечот Коби Брајант ќе одржи говор пред своите навивачи за кој никој не се сомнева дека ќе биде трогателен и ќе предизвика солзи кај сите кои го почитуваат неговото дело.

Крајот на својата кариера, Коби Брајант го објави уште во ноември минатата година преку писмо што го пренесоа сите светски медиуми. Оттогаш, во сите градови каде што гостуваше со Лејкерс, беше поздравен од противниците и навивачите како почит за неговата неверојатна 20-годишна кариера. Освен петте наслови, Коби заминува во пензија како трет стрелец во НБА лигата на сите времиња. Ќе остане само дилемата кој број ќе го повлече Лос Анџелес Лејкерс во чест на Коби - 8 со кој ја почна кариерата или 24 со кој ја завршува.

Натпреварот во Лос Анџелес почнува во 4:30 по средноевропско време.

Најново во Кошарка