СТАРТУВА НБА - КАКО СТОЈАТ РАБОТИТЕ НА ЗАПАДОТ

„Ракетите" се усмерени кон „Оукленд"

На чекањето му дојде крај... Вечерва тргнува новата сезона во НБА лигата во која не чекаат многу возбудувања. За време на летото, доста екипи менуваа, и во ростерите и во стручните штабови.

објавено: 16 октомври 2018 - 18:15

Западот доживеа голема промена. Уште еднаш Леброн Џејмс го однесе својот талент од Кливленд, овојпат во Ел-Еј...

Па иако реално е дека Истокот е послаб од Западот, номиналната изедначеност ветува доста интересни моменти во текот на сезоната, каде во секоја од двете конференции екипите може да се поделат во четири категории: „предизвикувачи", „плеј-оф тимови", „долен дом" и „дно"...

ПРЕДИЗВИКУВАЧИ
Дилеми веќе нема, Голден Стејт станаа и историска важна франпшиза во НБА, а Стив Кер и играчите добро го знаат тоа. Постигнаа висок степен на заедничко функционирање, а ѕвездите заборавија на тоа што е суета.
Играчки, на паркетот делуваат уште подобро од порано, сега го имаат и Демаркус Казинс, не баш „мирен лик", налик на еден Дрејмонд Грин, па оттука опасноста повеќе е од „внатре" отколку од „надвор". Ако она „тивко водство" на Стеф Кари и Кевин Дурент биде доволно да има и „мир во куќата" ќе биде тоа реприза на некои случувања од изминатите неколку сезони – исполнети со доминација на тимот од Оукленд.

Натаму пак се усмерени „ракетите", оние од Хјустон, кои уште еднаш ќе се обидат да го поправат она што го уништија лани, во седмиот меч од финалето на Западот.
Да бидат подобри од Голден Стејт.
Затоа Џејмс Харден и Крис Пол решија, а управата го потврди тоа, да биде донесен и Кармело Ентони, како трет ол-стар потенцијал кој треба да биде пандан на оној од Калифорнија.
Меч со две острици, би рекле познавачите на приликите во НБА лигата и околу неа. Мело не е тип кој само ќе седи во аголот и ќе чека „милост" од оние кои многу ја милуваат топката.
Мајк Дантони ќе треба да го исконтролира сето тоа.
Ако успеат, е тогаш Вориорс имаат за што и од кого да стравуваат.
На прв поглед е нереално, едно момче од 20.години да ја диктира играта во еден НБА тим. Но се чини дека таков е случајот во Јута Џез, кад екако прва напаѓачка опција е Донован Мичел, но околу него има добра „композиција" во која се надополнуваат уште неколку кошаркари, како Џо Инглс, или пак Руди Гобер.
Тренерот Квин Снајдер знае да им ја пронајде улогата и тимот да делува дури и „застарено" за модерна кошарка во која има место за плеј без шут (Рики Рубио), има тежок центар (Дерик Фејворс), и кошаркар со тешка, за опис позиција – Данте Егзум.
Оклахома Сити – да се научи да се живее (и да се умре) со Расел Вестбрук. Тандер победи уште пред сезоната да почне. Го задржаа Пол Џорџ, го придодадоа кон Расел Вестбрук. До каде ќе удираат "громовите", тоа е друга работа...
И покрај катастрофалните потези од 2012 година наваму, Оклахома побегна од потполн дебакл. Прво со персонификацијата на Рас дека е број 1, а сега и со трансферирањето на уште една голема ѕвезда во лигата одат чекор понапред. Затоа што да се има двајца играчи од ТОП 20 во овој момент е сепак привилегија за малку тимови од НБА соѕвездието.

ПЛЕЈ-ОФ ТИМОВИ
Денвер Нагетс веќе не се хит, туку по ова лето, сега треба да превземат одговорност за постигнатите резултати.
Нагетс не е веќе тим кој може да изненади туку едноставно мора да победува. Нивните главни (и пред се млади) играчи добија сто милионски договори, и тоа мора да се оправдува на секој натпревар. Денвер ќе мора да живее со тој притисок, без оглед на младиот потенцијал кој го имаат во своите редови.
Исто, или слично важи и за ЛА Лејкерс.

Сепак, „кралот " не дојде во Холивуд за да ужива, туку за да го „пренесе" она што им треба на младите момци собрани околу него. Леброн е човек со секогаш највисоки амбиции, и тоа е јасно дека ќе се спроведе во наредниот период во „Стејплс Центарот" но и надвор од тие рамки.
Леброн е Леброн, сега на најголемата кошаркарска бина на светот!
Во Њу Орлеанс пак главно прашање е дали и како можат да го задржат дома Ентони Дејвис?
Се чини дека лани ги поместија работите од „мртвата точка" (влегоа во доигрувањето), но и тоа не е доволно за Дејвис да биде мирен", а управата „спокојна" дека го поседува.
„Се од почеток", е новиот филм кој ќе се снима во наредниот период во Сан Антонио.
Јасно и поради што. Во Тексас веќе не живеат Ману Џинобили, Ентони Паркер, Каваи ленард, и јасно е, „мамузите" сега не личат на она што беше до лани, па и некоја година порано, пред да се пензионира Тим Данкан. Сериозен испит за Грег Попович и соработниците, дефинитивно, макар го имале на располагање Демар Дерозен.
Портланд и понатаму ги има на располагање Демиен Лилард и Си-Џеј МекКалум, но вистинско прашање е до каде може да дотуркаат во оваа година, да го повторат ланскиот успех, кога беа дури трети пред почетокот на плеј-офот кој го завршија катастрофално.

„ДОЛЕН ДОМ"
Нова ера има во ЛА Клиперс, екипа со потполно несигурна иднина, со неколку играчи надвор од САД (Теодосиќ, Марјановиќ, Белинели), некои докажани играчи како Ејвери Бредли, и патрик Беверли, и Тобијас Херис како потенцијалн ол-стар играч.
Но ништо повеќе од тоа, исто како и во случајот на Мемфис.
Лани Гризлис беа непријатно изненадуавње, а се чини дека и оваа година немаат да понудат многу нови работи.

Тоа пак не може да се каже за Феникс, затоа што Санси не само што го сменија тренерот, туку добија шанса и одбраа од прваа позиција на драфтот. Динадре Ејтон е гаранција за иднината на Санси, исто како и Лука Дончиќ за Далас Маверикс.
Факт е дека тимот од Тексас е поблиску до плеј-офот од оној од Аризона, но сепак...

ДНО
Со полно право Сакраменто кингс ја има репутацијата на најлошо водена франзиза во НБА во изминатите десет години. Имаат високи пикови, но имаат лоши избори на драфтот со години. А и кога ќе одберат добро како со Демаркус Казинс од 2010 година, не знаат да формираат „костур" околу таков „франшизен играч".
Иако не се за самото дно, сепак, со оној циркус кој трае, јасно е дека Минесота не ја чека ништо добро. Особено ако веднаш не се откажат од проблематичните типови како Џими Батлер, а можеби и уште некој.
Тренерот Тим Тибодо сака од Минесота да направи нов Чикаго Булс, но како тргнале, којзнае каде ќе завршат „волците"...

ЗАКЛУЧОК
Уште на почетокот јасно е дека Западната конференција е и понатаму подобра од Источната. Но ќе биде доста интересно да се следи борбата во оваа конференција. Долгогодишниот владетел на Истокот се пресели на Западот. „Кралот Џејмс" е подготвен, извесно, да ги однесе, да ги врати поточно кажано, „езерџиите" до плеј-офот, и да го чека секој кикс на конкуренцијата во која сепак, главна улога треба да имаат шампионот и предизвикувачот од она ланско издание на плеј-офот...

ВЕЧЕРВА ИГРААТ:

02.00: Бостон - Филаделфија

04.30: Голден Стејт - Оклахома Сити

 

Најново во Кошарка