„ХОУКСИ“ СИНОЌА ПОДОБРИ ОД МИЛВОКИ

Се врати Антиќ, се вратија и победите на „јастребите“ од Атланта! (ВИДЕО)

Македонецот постигна осум поени, но имаше и седум скока како стартер во вториот по ред триумф на неговиот тим, што за тимот од Џорџија е прва врзана победа по пауза од дури шест недели.

објавено: 14 март 2014 - 08:00

Не му требаше многу на македонскиот кошаркарски репрезентативец, Перо Антиќ, да го врати победничкиот ритам на Атланта хоукс, откако овој тим, синоќа, на домашен терен го совлада Милвоки бакс (102-97) за втора победа по ред, што на „јастребите“ им се нема случено во последните шест недели.

Македонецот трет пат во низа по враќањето од 40-дневното отсуство поради повреда беше во стартната петорка на „хоукси“, и во отстрелот на „елените“ учествуваше со осум поени (1/4 за 3п, 2/4 за 2п, 1/2 за 1п) и седум скока за нешто повеќе од 2 минути поминати на паркетот. Претходно, Атланта беше во серија од седум порази по ред за која една од причините беше и неиграњето на Антиќ, кој иако е дебитант во НБА-лигата, сепак, брзо се етаблира како еден од клучните фактори во играта на тимот од Џорџија.

Првиот Македонец во НБА во моментов има просек од 6,6 поени и 3,6 скокови и со најмалку една тројка постигната во просек на секоја од 34-те средби на кои сезонава настапи во дресот на „јастребите“. Следната можност за потврда на добрата форма, Антиќ и Атланта ќе ја имаат утре вечер, кога во градот на „Кока кола“ ќе гостуваат кошаркарите на Денвер нагетс.

Најново во Кошарка