ВЕЧЕРВА ИГРААТ И ГОЛЕМИТЕ ФАВОРИТИ, КАНЗАС ПРОТИВ ДЈУК

СЕНЗАЦИЈА ВО НЦАА: По цели 55 години, Лојола ќе игра на „фајнал-форот"(ВИДЕО)

Противник ќе им биде тимот на Мичиген кој исто така, по многу години, се враќа на завршниот турнир кој од 31. март до 2. април ќе се одржи во „Аламо домот" во Сан Антонио

објавено: 25 март 2018 - 16:40

Студентите на Универзитетот Лојола направија уште еден сензационален резултат за време на „мартовското лудило" во НЦАА лигата. Во финалето на Јужниот регион, во Атланта, извојуваа убедлива победа над Канзас Стејт од (78:62), па за прв пат по далечната 1963 година, обезбедија место на завршниот турнир од ова универзитетско кошаркарско натпреварување.

Екипата од Илиноис во плеј-офот влезе од 11. позиција во својата дивизија, а на патот до Сан Антонио, поточно во „Аламо домот" каде од 31.март до 2. април ќе се игра завршниот турнир, ги елиминираа екипите на Мајами, Тенеси, Невада и сега Канзас Стејт.
Во полуфиналето, односно натпреварот кој води во ониј за титулата шампион во НЦАА лигата ќе играат против Универзитетот Мичиген.

Во одлучувачкиот меч од Западниот регион во Лос Анџелес, Мичиген беше подобар од Флорида Стејт со резултат (58:54), доволен да се врати на завршниот турнир по повеќе од половина деценија.
Третопласираниот тим во лигашкиот дел ја оправда улогата на фаворит против шест позиции пониско рангираниот тим од Флорида.
Во другите две четвртфинални средби кои се играат вечерва, ќе се сретнат Виланова и Тексас Тек односно Канзас и Дјук, дуел за кој може да се каже дека е и финале пред финалето.
Минатата година, шампион на НЦАА лигата беше Универзитетот на Северна Каролина, секако најпознат по Мајкл Џордан, и секако, големиот број на титули во оваа конкуренција.

 

Најново во Кошарка