ДОМАЌИНОТ ЈА ИСКОРИСТИ ПРЕДНОСТА

ОДЛИЧНА ПОСЛЕДНА ЧЕТВРТИНА: Работнички поведе со 1:0 против МЗТ во финалето

Со одлична игра во решавачките 10 минути, тимот од „Градски Парк“ стигна до посакуваната победа против вечниот ривал

објавено: 20 мај 2018 - 21:55

Работнички поведе со 1:0 во финалната серија против МЗТ Скопје Аеродром, откако најтрофејниот клуб кај нас, победи со 86:77 (23:26, 19:16, 19:23, 25:12), вечерва во „Градски Парк“. Како и што се очекуваше, дуелот беше неизвесен, но на крајот домаќините се радуваа. Клучна за победата на Работнички беше серијата од 7:0, кога од 74:74 стигна до 81:74 на неполни две минути до крајот. 

Костов со 21 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, а одлични беа и Робинсон (18) и Еванс (16). Кај МЗТ Скопје најефикасни беа Стојановски и Лалиќ кои постигнаа по 18 поени. 

Мечот во текот на сите 40 минути беше неизвесен. Шампионот подобро го започна мечот и во првите неколку минути константно имаше предност. Највисоката разлика беше во 8 минута, кога гостите водеа со 21:14. Сепак, за многу кратко време, Работнички успеа да се врати, па дури и да поведе на почетокот на втората четвртина со 28:26. До крајот на полувремето ниту една од екипите не успеа да направи серија поени, па затоа најреални беа 42:42 на полувремето. 

Почетокот на второто полувреме повторно беше во знакот на гостите. МЗТ повторно стигна до седум поени предност (60:53 во 27 минута), а Работнички за неколку минути се врати и дојде до 65:66 во 32 минута, а во последните четири минути се влезе со егал резултат (74:74), по што се знаеше дека до крајот ќе следи неизвесна завршница, во која домаќините беа посмирени и стигнаа до предност од 1:0 во победи. 

Следниот меч се игра в среда, во „Јане Сандански“, каде домаќин ќе биде шампионот МЗТ Скопје Аеродром.

Најново во Кошарка