НАЈТРОФЕЈНИОТ КЛУБ ЌЕ СЕ БОРИ ЗА НОВА ТИТУЛА

Работнички е во финалето, Куманово доби „метла“

Со убедливи 3:0 во победи, тимот од „Градски Парк“ си обзбеди место во борба за трофејот

објавено: 14 мај 2018 - 20:38

Работнички само уште еднаш покажа зошто беше најдобар тим по регуларниот дел од сезоната во домашното кошаркарско првенство. Најтрофејниот тим лесно со 3:0 во победи го елиминираше Куманово, во полуфиналната битка од плеј-офот. 

Во последниот, трет меч, тимот од Градски Парк, пред своите навивачи, без поголеми проблеми, славеше со 81:65. Дека нема да има никакви проблеми и на овој меч, домаќините покажаа уште во првите 10 минути, кои ги добија со убедливи 24:9. Во продолжение на дуелот, Работнички не го испушти водството и рутински на крајот стигна до посакуваната победа. 

Американецот Еванс со 17 поени и 9 скока беше најдобар кај победничкиот тим, додека Стајиќ со 15 поени беше најефикасен во таборот на Куманово.

Работнички кој е рекордер со 14 титули, последната титула ја освои во 2009 година, што значи дека речиси една деценија нема шампионско славје во „Градски Парк“.  

Најново во Кошарка