тимот од градски парк немаше ни со кого да се израдуваат

Работнички го доби дербито против МЗТ, но ги казни сите негови навивачи

Откако домаќинот на мечот реши дека треба да се игра во Гостивар без присуство на публика, но и без ТВ пренос, дербито сепак се гледаше преку интернет пренос обезбеден од страна на МЗТ Скопје Аеродром

објавено: 17 април 2018 - 10:00

Со одлична игра посебно во последните неколку минути, Работнички стигна до убедлива победа над МЗТ Скопје Аеродром од 92:74 во вечното дерби. Интересно е што на влезот од последната четвртина, МЗТ имаше пет поени предност, но играчите на Работнички со одлична игра, на крајот стигнаа до убедлива победа. 

Пресвртот на Работнички и низата од 33:10 во последните 10 минути, беше феноменална за тие што навиваат за тимот од „Градски Парк“. Сепак, по мечот, играчите на Работнички немаше со кого да се израдуваат, а од теренот си заминаа како после тренинг. Тоа беше така поради барањето на домаќините, средбата да се игра пред празни трибини. Со оваа одлука дербито едноставно делуваше „мртво".

За да се има контакт со тоа што се случуваше во салата „Младост“ во Гостивар, се погрижија од МЗТ Скопје Аеродром. Актуелниот шампион обезбеди пренос преку интернет.

За тоа дека имаше интерес за следење на мечот од страна на навивачите, покажува и фактот што постојано имаше над 1.000 гледачи кои го следеа дербито. Во еден момент имаше над 2.000 гледачи кои преку линкот следеа што се случува во Гостивар. Крајот го проследија над 1.400 симпатизери на двата клуба.  

Работнички го доби дербито, но кошарката загуби, бидејќи навивачите немаа право во живо во Гостивар да бидат на трибините и по средбата да ги поздрават своите миленици. Фактот дека над 2.000 гледачи имаше на интернет преносот покажува дека Работнички едноставно ги казнил сите оние кои сакале да го гледаат дербито.

Најново во Кошарка