финалистите заедно имаат 20 титули во своите витрини

Работнички има 6:1 против МЗТ во финалињата, но аеродромци веќе шест години се „газди“ во мак кошарката

Кога играат „вечните“ ривали секогаш постои тензија неизвесност и драматичност, така да финалето треба да биде празник за сите љубители на кошарката

објавено: 15 мај 2018 - 20:44

Финале на „вечните“ ривали следува во кошаркарското првенство. МЗТ СКопје Аеродром и Работнички ќе се борат за трофејот, во финалната серија која треба да започне викендов. Работнички ќе ја има предноста на домашен терен, благодарение на првото место остварено по регуларниот дел и Суперлигата. 

Овие два тима се најтрофени и заедно имаат дури 20 титули во своите витрини. Работнички е многу поуспешен со 14 пехари, но во „Градски парк“ веќе како да заборавиле што е тоа титула, ако се знае дека последната ја освоија во 2009 година.

МЗТ е клубот кој веќе шест години доминира во првенството и суверено ги освојува трофеите, а секако дека аеродромци ќе сакаат сезонава да заокружат „седмица на лото“.

Вечните ривали сезонава веќе имаа една пресметка за трофеј и тоа таа во Купот на Македонија, а се радуваше МЗТ Скопје Аеродром. Сега следува финале во првенството.

Низ историјата, овие клубови досега седум пати имале финална шампионска пресметка. Работнички е убедлив со 6:1 во радости. Првото финале беше во првата сезона од самостојна Македонија. Во 1993 година, Годел Работнички го победи МЗТ Хепос Скопје со 3:2 во победи. Следното финале беше во 1996, а Работнички славеше убедливо со 3:0 во победи. 

Во 1998 година и 1999 година, Работнички повторно со 3:2 во победи се радуваше на трофејот, а во 2001 година тимот од „Градски Парк“ беше убедлив со 3:0 во победи. Последната радост на Работнички против МЗТ во финалињата е во 2004 година, кога победија со 4:1.

По тоа финале во 2004 година, се чекаше 10 години до нова финална пресметка на „вечните“. Се случи таа во 2014 година, но овојпат МЗТ Скопје рече „СТОП“ на Работнички. Аеродромци се радуваа на трофејот со убедливи 3:1 во победи. Сега, четири години по тоа финале, повторно ќе гледаме дуел на „вечните“ ривали.

Најново во Кошарка