УБЕДЛИВА ПОБЕДА НА ЛИДЕРОТ

Работнички му даде надеж на Куманово, а потоа го „смачка“

Тимот од „Градски парк“ со „камата“ се реваншираше на кумановци за поразот на гостински терен, во првиот дел од Суперлигата

објавено: 28 април 2018 - 20:16

Работнички убедливо со 109:76 го победи Куманово во дуел кој можеби требаше да биде дерби, во кошаркарската Суперлига. Во првиот дел од Суперлигата, Куманово го изненади Работнички и успеа да му го нанесе единствениот пораз сезонава, но сега ситуацијата беше сосема поинаква. 

Гостите од Куманово одлично го започнаа мечот, па по првите 10 минути имаа и предност од 26:19. Сепак, тоа како да беше знак за домашните играчи дека треба посериозно да заиграат, па до полувремето, на семафорот покажуваше плус 5 за Работнички (45:40).

Третата четвртина беше вистинско кош-шоу, бидејќи Работнички даде дури 42 поени, а прими само 16, со што приказната околу победникот беше позната. Костов со 24 поени беше најефикасен кај побендичкиот тим, каде двоцифрени беа и Николовски со 17 и Еванс и Караџовски кои постигнаа по 13 поени. 

Во тимот на Куманово најпрецизен беше Ковач со 22 поени, а еден помалку даде Јаневски. За Работнички ова беше 29 победа во 30 меч сезонава, додека Куманово го претрпе 11 пораз. 

Најново во Кошарка