УШТЕ ЕДНА ПОТВРДА ДЕКА НЕМА ДА СЕ ВРАТИ

АНТИЌ: Јас се пензионирав одамна, ме ставија на списокот затоа што сакаат да докажат нешто

И дефинитивно Перо Антиќ нема да биде во составот на македонската репрезентација за квалификациите за пласман на Европското првенство. Искусниот кошаркар ова го потврди за „Еурохупс“. 

објавено: 18 ноември 2017 - 08:00

Не е само Црвена Звезда во прашање, и самиот Перо Антиќ ги кажа своите ставови околу македонската репрезентација и кам-бекот, за кој многумина се надеваа дека ќе се случи токму во квалификациите за пласман на Европското првенство. 

Искусниот кошаркар во интервју за „Еурохупс“ изјави дека нема да го облече „црвено-жолтиот“ дрес, бидејќи тој одамна се пензионирал. 

„Јас се пензионирав на 30 години. Тие го ставија моето име на списокот, бидејќи сакаат да докажат нешто“, рече Антиќ.

Селекторот на македонската репрезентација, Јорданчо Давитков првиот собир го закажа за во понеделник, а во поширокиот список се најде и најдобриот натурализиран Македонец, Лестер Бо Мекејлеб, кој беше дел од тимот кој во 2011 година го освои историското четврто место на Европското првенство во Литванија. 

Ако се прашува Антиќ, Бо мора да биде во составот бидејќи има направено многу за Македонија.

„Сакам да го видам Мекелјеб во конечниот список, бидејќи има направено многу за националниот тим. Според мене во квалификациите треба да играат помладите, треба да се искористи нивниот талент“, заврши Антиќ.

Покрај кошаркарот на Црвена Звезда, Давитков најверојатно нема да може да смета на Бојан Трајковски, кој има повреда на препоните, па клупската пауза ќе ја искористи за санирање на истата.

Во првиот квалификациски меч, Македонија и гостува на Словачка на 23 овој месец, додека три дена подоцна на домашен терен ја пречекува Шведска. Ова е првиот дел од квалификациите за ЕП 2021. 

Најново во Кошарка